текст, фото и видео - Оливер Арсовски
Преубавата, но недоволно заштитена црква „св.Димитрија“ во с.Страцин наскоро ќе светне во полн сјај. Со помош на донаторот Трајче Донев од Драчево (Скопје), но и со значаен придонес на поранешниот пратеник Марјанчо Колевски и жителите на ова село, денеска беа осветени темелите на камбанаријата во оваа прекрасна црква. Свештеникот Блаже Крстевски даде благослов за што побрза обнова на овој Божји храм, кој покрај нова камбанарија, наесен ќе добие и нова покривна конструкција.
„Случајно пред 1,5 година бев во селото Страцин и кога селаните се пожалија дека покривот на црквата прокиснува и се уништуваат фреските во храмот, побуден од љубовта кон црквата и верата се нафатив да помогнам да може да се смени тој покрив и да се изгради нова камбанарија, бидејќи претходната била урната за време на втората светска војна. Камбанаријата ќе биде висока близу девет метри, а крстот еден метар, а истиот ќе биде реплика на крстот кој се наоѓа во родното место на Исус, градот Витлеем. Денеска го започнавме тој потфат и се надевам дека до 4 ноември, кога е празникот на селото Митровден, црквата ќе светне во ново руво“ - ни изјави донаторот Трајче Донев.
За убавините на црквата, која во блиска иднина би можела да стане туристичка атракција, говори и групата од педесеттина туристи која половина час пред осветувањето на камбанаријата беше присутна ја посети црквата. Според зборовите на отец Блаже Крстевски, во црквата има ретка фреска каква што ретко каде има во светот, на која пресвета Богородица е насликана со ангелски крилја.
&">&;feature=youtu.be