Кратовци на четврта форумска сесија
пишува - Оливер Арсовски
Во просториите на хотелот „Кратис“ утре (22 ноември 2011, 13 час) ќе се одржи четвртата форумска сесија од програмата "Форуми во заедницата". Преку оваа програма жителите на општина Кратово сами одлучуваат кои се приоритетите за социо-економски развој на општината и кои активности може да се спроведат за подобрување на состојбата на локалната заедница. Проектите ќе се финансираат со буџет од 4,8 милиони денари, од кои половина ќе ги обезбеди Општината, а другата половина се од Швајцарската агенција за развој и соработка. Целта на "Форуми во заедницата" е да се поддржи процесот на децентрализација и да се овозможи учество на граѓаните во развојот на заедницата на локално ниво. Оваа програма претставува платформа за развој што им овозможува на граѓаните, прво да го подобрат својот живот со сопствени идеи и учество во процесот на донесување одлуки на локално ниво и второ администрацијата да развие отчетно локално управување преку учество, одговорност и доверба.
Програмата "Форуми во заедницата" во општина Кратово се спроведува од септември во соработка со општината и ЗЕЛС, и финансиска помош од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ).