фото - Оливер Арсовски
Толкава концентрација на пратеници на едно место Кратово досега не видело. Повод беше Законот за прогласување на старото градско јадро во Кратово за културно наследство од особено значење. Парламентарната комисија за култура предводена од Силвана Бонева, пратеничките Владанка Авировиќ, Зоран Ѓорѓиевски, Лилјана Затуроска, Нола Исмајлоска, Ане Лашкоска, Љубица Буралиева, Весна Дамчевска - Илиевска, Љупчо Димовски и нивните домаќини Стојан Миланов и Марјанчо Колевски пристигнаа во обиколка на Кратово. Некој предложи кафе-пауза по заморното патување, но желбата да се види градот одблиску победува. Кафето и онака може да почека.
Прва станица е Чаршискиот мост. Кратко претставување на историјатот на мостот од страна на водичот Кристина Петровска, по некој пратенички блиц и уживање во погледот на уредениот кеј на Табачка река.

Следна е Саат-кулата. За почеток историско предавање за Кратово и разгледување на неколкуте галериски поставки. Сите љубопитни, но лидер е Силвана Бонева, која реди прашање по прашање со „сто на саат“.

Следува заслужена починка на највисокиот кат на Саат-кула и панорамско разгледување на градот. Паѓа и предлог за снимање на телевизиската изјава на балконот од кулата, со прекрасната позадина. Предлогот отпаѓа поради стравот дека дрвениот балкон не би можел да издржи поголема група луѓе.

Следува најинтересниот, авантуристички дел од разгледот на Кратово. Влез во еден од многуте подземни ходници во градот, долг дваесеттина метри. Почнаа да „ѕвецкаат“ пратеничките штикли во влажните подземни ходници, капки таванска роса се слеваа над главите на Бонева, Авировиќ и Лашкоска. Во тие мигови беше навистина убаво да се види нивната силна возбуда и егзалтираност од она што го видоа.


Следна е црквата „Св.Јован Крстител“. Падна и ТВ изјава, тука тлото е цврсто, а и Божјата промисла помага. Биднамрак, но желбата да се види и Радин мост, да се слушне славната легенда беше голема кај дел од гостите. Останатите заминаа во хотелот „Кратис“, каде ги чекаше градоначалникот на Кратово, Мите Андоновски. Следуваше работен состанок, договор како ќе се имплементира законот кога ќе се донесе во Собранието.

Напорниот, но крајно возбудлив ден заврши со срдечна разделба и желби за нова средба. До следното видување, кога веќе законот ќе биде донесен, за наше добро.
,

