Промоција и брендирање на локални производи беше тема на јавната дебата што се одржа вечерва во Крива Паланка, во рамки на проектот „Мобилен парламент“ што го спроведува Граѓанската асоцијација „МОСТ“.

Пратеникот од Кратово Марјанчо Колевски истакна дека целиот регион е познат по многу квалитетни производи со специфични обележја, како што се осоговскиот компир и медот заради што би требало да се покрене иницијатива за здружување на производителите и нивно заедничко настапување на пазарот со заштитен бренд на географско подрачје и потекло.
Како главен проблем во процесот на брендирањето производителите го посочија недостигот од потребни количини за да се одржи континуитет во производството и да се задоволат потребите на пазарот од брендираните производи.
– Брендирањето ќе овозможи препознатливост, промоција на географскиот регион, зголемено производство и намалување на внатрешната и надворешна миграција, истакна пратеникот Марјанчо Колевски.
Целта е презентација на процедурите за регистрирање и брендирање на автентични и специфични производи од регионот, како и иницијативи за организиран настап на локалното производство, зголемување на неговата вредност и продажба на македонскиот, балканскиот и европскиот пазар.
– Крива Паланка има повеќе квалитетни и традиционални производи, кои може да бидат брендирани, како што се медот, компирот, сирењето, паланечкото јагне, симитот и друго. Но, за жал, производството на овие автентични продукти опаѓа, а недостига иницијатива од прозводителите и здруженијата, кои треба да се здружат за да се брендира некој производ и да се обезбедат доволни и квалитетни количини за пазарот, истакна градоначалникот Арсенчо Алексовски.
Според пратеничката Слаѓана Митовска, потребно е подигање на јавната свест за придобивките од брендираните производи и обезбедување на одржливо производство.
– Овој регион е исклучиво еколошки чиста средина, која овозможува квалитетно производство и треба да ги искористиме ресурсите за да станеме конкурентни на пазарот. Ги имаме најпознатите мандраџии, кои прават исклучително квалитетен кашкавал и сирење во мандрите во Гостивар и Тетово, а ние би можеле да ги искористиме овие луѓе за да направиме бренд на кривопаланечки производи, рече Слаѓана Митовска.
Проектот „Мобилен парламент“ е финансиран од ЕУ преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права и има за цел да ја зголеми довербата и комуникацијата со институциите и да овоможи демократска дебата за прашања релевантни за пристапувањето на Македонија во ЕУ.
