Привремено санирано свлечиштето во Кратово, куќите спасени од уривање

Среда, 07 Мај 2014 17:08 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати

Браќата Младеновски од Кратово, чии куќи беа доведени во опасност од уривање како последица на активирањето на големото свлечиште, конечно може да здивнат. Благодарение на заложбите на Владата и брзата интервенција на Јавното претпријатие за државни патишта, заканата од оваа природна непогода помина. Вчера и денес екипите на „Македонија пат“ и „Гранит“ работеа напорно на отстранување на пропаднатиот асфалтен слој, кој секојдневно го туркаше свлечиштето се подлабоко да тоне.
-Дојдовме до заклучок да се тргне оптеретувањето, т.е. асфалтот што беше со невообичаено голема дебелина. Таа дебелина некаде изнесуваше од 60 сантиметри, па се до метар и дваесет сантиметри. Со ваквото растеретување во должина од 150-200 метри, се намали оптеретувањето на самиот ѕид и свлечиштето за некаде 800 тони. Со ова очекуваме свлечиштето да се стабилизира или да не работи со толкав интензитет – истакна Љупчо Георгиевски, директор на ЈП за државни патишта.
Два дена на терен работат и геолошки тимови, кои ќе треба да го испитаат теренот под свлечиштето, за да се најде најдоброто решение за трајно санирање.
-Согласно разговорите што ги имавме со Градежен факултет, откако ќе биде готово комплетното техничко решение и ќе се вклучи градежната оператива, очекуваме свлечиштето комплетно да биде санирано за четири месеци – заврши Георгиевски.
Директорот Георгиевски најави дека додека траат градежните активности, ќе биде активна третата тампонирана коловозна лента и сообраќајот ќе биде регулиран од полицијата.  Оливер Арсовски

alt

Сподели