Првачето Тина Алексовска од кратовското село Пендаќ има нов дом. По сторијата која порталот Аберџија, Сител и Нова Македонија ја објавија пред еден месец, благодарение на хуманоста на граѓаните, семејството Алексовски се пресели во старата училишна зграда во Страцин и започна нов живот. Шестгодишната Тина веќе нема да пешачи по два-три часа за да стигне на училиште, а сега и нејзиниот татко ќе може да побара работа за да овозможи каква-таква егзистенција за четиричленото сиромашно семејство.
Тина и нејзиното братче Дамјан не знаат дека денес е светски ден на детето, но дознаа дека на светот има хумани луѓе кои денеска им донесоа фрижидер, два кревети, шкаф, постелнина и многу храна.
- Форумот на жените на Социјалистичката партија од Кратово, одбележувајќи го светскиот ден на детето, ја продолжува акцијата за донации на семејството Алексовски. Успеавме да обезбедиме донација во мебел, покуќнина, храна и други работи за адаптирање на семејството Алексовски – истакна Гордана Накова од СПМ.
Кон акцијата за помош на семејството Алексовски се приклучи и градоначалникот на Кратово, Мите Андоновски. Тој обезбеди дрвена граѓа за нов покрив, а училиштето „Кочо Рацин“ ќерамиди. Општинската администрација донираше и неколку пакети храна и облека, а наскоро ќе ги поднови и со нова печка. Оливер Арсовски



