Кратовчани денес по третпат го славеа денот на компирот, производ кој покрај пастрмајлијата е еден од гастрономските брендови на градот Кратово. „Компиријадата“ привлече голем број посетители од целата земја, дојдени да дегустираат разновидни јадења, солени и слатки деликатеси со компир направени од вештите раце на домаќинките.Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и министерот Михаил Цветков ја подржаа манифестацијата, која стана дел од туристичката понуда на градот.
-Ваквите манифестации треба да претставуваат поттик за еден битен сегмент, а тоа е маркетингот во земјоделството. Досегашните активности за промоција на кратовскиот компир треба да бидат наградени со брендирање и заштита на географското потекло и негово органско сертифицирање -
На „Компиријада“ учество земаа учениците од основното и средното училиште, здруженија на граѓани и пензионерски организации. Жири-комисијата ги избра највкусните јадења, најубавите декорации и ликовни творби и додели пригодни награди. Сите средства собрани на „Компиријада“ ќе бидат дадени во хуманитарни цели. О.Арсовски

