Секој мост во Кратово со своја приказна

Сабота, 24 Ноември 2012 21:07 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати

Грофчанскиот мост, кој ја поврзува Ајдучката чаршија со другиот дел на Kратово, е единствениот кој има два свода, бил изграден во 18 век од богатото семејство Грошчијци, кое се доселило од Мала Азија и тука изградило и сарај

altСтарите камени мостови во Kратово, кои пленат со својата импозантност и автентичен архитектонски израз, во себе кријат многу преданија и приказни за градот на древностите, кои старите жители ги пренесуваат од колено на колено. Од нив денеска се сочувани шест мостови над Табачка, Kратовска и Манцева Река, кои се заштитени споменици на културата, но и сведоци за некогашниот живот во градот на древностите. Покрај легендарниот Радин мост, интересно предание се пренесува и за Грофчанскиот мост, кој се наоѓа во самиот центар на градот, изграден над Табачка Река. Познат уште и како Грошчиски, ова е најдолг мост во чаршијата (30 метри долг и 4 метри широк) и за разлика од останатите што имаат само еден отвор, е единствениот што има два свода. Податоците говорат дека е изграден во почетокот на 18 век од богатото семејство Грошчијци, кое се доселило во Kратово од Мала Азија и веднаш до него изградило и сарај на местото каде што денес се сместени Градскиот музеј и Центарот на културата.

- Повеќе постари кратовци го пренесуваат преданието дека семејството на ефенди Ахмед, со прекарот Грошчиски, кога се доселило во Kратово ја купило сарај куќата со дворот и дрвениот мост до него. На негово место решиле да изградат мост за што го ангажирале прочуениот мајстор Максим. Но, по стариот обичај, кога мостот бил завршен на мајсторот требало да му се отсече главата за да не изгради никаде на друго место ист таков мост. На ефендијата му било жал да го погуби и затоа мостот го прогласил за недовршен - раскажува кратовецот Стевче Доневски.

Богатиот Турчин имал еден син, а подоцна му се родиле два сина близнаци-Асим и Асан. Но, тие уште од мали постојано се карале и се тепале, а така продолжиле и кога се ожениле. За да ги прекинат нивните кавги, семејството ги разделило и им изградило по една куќа - на едниот на едната, а на другиот на другата страна од мостот.

- Но, тие и натаму продолжиле со завист да расправаат кој е побогат и почнале да го поткопуваат мостот. Kога го извадиле и последниот камен, кој го држи мостот, т.н. чилут, се прочуло дека паднал мостот на мајстор Максим. На овој му паднало тешко и им рекол дека браќата мора да се разделат. Тогаш таткото рекол „Ви дадов лете да ладувате, зиме да не зимувате, ама не знаевте“, а мајката ги проколнала „Kога не знаете да играте со ореви, играјте со камен“- ја објаснува легендата Доневски.

Двајцата браќа тргнале по светот, а судбината сакала повторно да се населат едниот од едната, а другиот од другата страна на мостот во некој непознат град. Но, наместо во богатство, сега седеле и проселе.

- Ги гледал некој сеирџија и еден ден им закажал средба среде мостот. Им дал една книжна пара и рекол: „Ако ја расцепите и вие ќе се разделите, ако не, парата ќе ве обедини“. Тогаш, браќата се прегрнале и решиле понатаму да живеат братски - раскажува Доневски.

Тој ги пренесува и легендите за Сарајскиот и на Чаршискиот мост, кои се под и над Грофчанскиот мост. Според некои податоци, и Сарајскиот мост, од кој денес постојат само урнатини, е изграден од семејството Грошчијци.

- За овој мост, кој уште е познат и како Асанов, постои предание дека Асан-бег имал многу убава жена, но бил многу љубоморен. Затоа, само за неа го изградил мостот да излегува директно од сарајот за да не ја гледаат мајсторите и чираците од дуќаните во чаршијата. Тој бил урнат во 1921 година од поплава. Чаршискиот мост, пак, кој се наоѓа над Грофчанскиот, се нарекува уште и Царски, а за него постои легенда дека кога царот го посетил Kратово сакал да остави некој белег од него. Бил во Ајдучка чаршија и видел како една жена со коњ поминувала низ мал дрвен мост. Им рекол неа да ја прашаат што сака, а таа кажала дека сака да се изгради голем мост за да може со коњите и стоката директно да се влегува во чаршијата. Тој ја исполнил нејзината желба и мостот како подарок од царот бил пуштен во употреба во 1804 година - наведува Доневски.

Покрај овие три моста и преданијата за нив, како и за Радин мост, во Kратово с` уште се зачувани и познати старите камени мостови - Јокширски, Аргулички и Горноамамски мост. Останатите камени мостови веќе не постојат, а зачуван е древниот дрвен Џонев мост. Заедно со новозиградените, овој древен град денес има вкупно 18 моста.

автор - Жаклина Цветковска,    www.dnevnik.com.mkalt

Сподели