Секој заслужува еднакви можности!

Четврток, 07 Април 2011 19:19 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати

Обука за правата на лицата со посебни потреби

Како дел од проектот "Симултано јакнење на oпштинските капацитети и граѓанскиот удел во функција на кооперативност" кој е во рамки на програмата CIVICA MOBILITAS која ја спроведува Центарот за институционален развој ЦИРа и е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, претставувана од Канцеларијата за соработка во Македонија, се предвидени три настани од јавен карактер.

Првиот настан од јавен карактер е работилница на тема "Права на лицата со посебни потреби и можности за нивно остварување на локално ниво".

Во рамките на оваа работилница, која ќе се одржи денес, предвидено е корисниците да добијат теоретски информации за своите права кои им се одредени со законските прописи како и за начинот на нивната реализација на локално ниво.

Во склоп на работилницата предвиден е како теориски, така и методички дел, преку кој корисниците интерактивно ќе бидат вклучени во подготовка на модели за формално и неформално граѓанско учество во активностите на општината.

Во рамките на овој проект е предвиден и втор настан од јавен карактер – обука на тема Организирано дејствување за поквалитетен процес на застапување и лобирање" која ќе се одржи на 12.04.2011 година. Преку оваа обука, на корисниците кои добиле информации за нивните права од работилницата, ќе им бидат пренесени информации за техниките на застапување и лобирање за своите интереси, преку организирани форми на дејствување.

Во рамки на третиот јавен настан на овој проект се планира средба со општинската администрација, односно административните работници задолжени за изработка на програмите за социјална заштита и образование.

Ова се само дел од активностите кои ќе се реализираат во склоп на овој проект, кој има задача да го зголеми степенот на комуникација помеѓу локалната власт (општинската администрација, и советниците) во општина Кратово и застапниците на лица со ПП, преку организирани форми на дејствување. Во организацијата на овие настани активно е вклучен Сојузот на дефектолози од РМ.

Сподели