Што мисли Ѕинго за изборите, кризата, странските амбасадори, Трамп...

Понеделник, 28 Ноември 2016 15:07 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати

За кризата, нејзините причинители, мешањето на странскиот фактор, мешањето на амбасадорите, дали кризата ќе заврши со изборите, за перспективите на ЕУ и нашата евро-атланска интеграција, за победата на Доналд Трамп... Ова се само дел од темите во ексклузивното интервју со Љубисав Иванов Ѕинго, политичар со најдолг стаж во поранешна Југославија и независна Македонија, лидер на социјалистите и коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение прочитајте го интервјуто кое Ивона Талевска го направи за весникот Вечер.

alt

Дали можете да направите паралела помеѓу Југославија во своите најдобри денови и сегашна Македонија?

Ѕинго: Југословенскиот систем се разликуваше од другите такви системи по тоа што беше самоуправен систем. Работниците ги добија фабриките и ги управуваа, нешто слично на акционерството, затоа работничкото самоуправување беше тоа што создаде интерес и стимулација кон поголема продуктивност, економичност и големо зголемување на производството во континуитет. Растеше националниот доход, инвестициите, вработувањето, извозот, а со тоа и имаше и пораст на стандардот. Позитивно во тој систем беше тоа што имаше ред, сигурност, безбедност на високо ниво, криминалот беше сведен во прифатливи размери, бесплатно школување и образование, посветеност на културата, спортот, бесплатно бањско лекување, изградени работнички одморалишта, евтини комунални услуги, богата средна класа.

Со распадот на Југославија во 90-тите години од минатиот век, за само неколку години беше ограбено, урнато, распродадено едно големо национално богатство создадено од нашите татковци и од нас самите.

Во 2006 година се направи коалиција од партии и од луѓе што цврсто и непоколебливо решија да ја обноват државата од урнатините и со една мудра и упорна работа и доследна политика да се врати надежта кај народот, оваа коалиција создадена од ВМРО-ДПМНЕ, Социјалистичката партија и други партии, остави огромен печат во развојот на македонската држава. Од 2006 до денеска во Македонија имаме економски бум, огромен пад на невработеноста, стотици новоотворени индустриски капацитети, изградени автопатишта, регионални патишта, булевари, зголемени туристички посети, инвестиции во културата, спортот и да не набројувам понатаму. Во овој период беа зголемени пензиите, платите на администрацијата, просечната плата, помошта за ранливите категории и субвенциите во земјоделството. Од една апатија народот се разбуди, ја виде шансата за својата држава и го поддржа овој концепт кои го нудиме ние.

Зад нас се две турболентни и тешки години за Македонија, каков е Вашиот став за овој изминат период?

Ѕинго: Изминатите две години Македонија беше поле на специјална војна, Македонија беше на работ на граѓанска војна, во Македонија имавме вметната група со намера да врши терористички напади на цивилно население, имавме обид за насилно преземање на власта, насилни демонстрации, напади на новинари и медиумски куќи.

Сето ова беше организирано од опозициските партии, дел од невладиниот сектор, инсталации на странски држави и директно учество на странски разузнавачки служби. Бевме сведоци на рушење на уставноста на нашата држава, видовме уништување на темелните вредности на Македонија и македонскиот народ, беше понижен судскиот систем, беше изгазен уставот, беа распишувани, па одложувани избори, беше распуштано па свикувано Собранието.

Кои се тие надворешни сили кои ја организираа и помогнаа да се реализира оваа криза?

Ѕинго: Не можам да кажам, времето ќе ни ја открие вистината, ништо не останало сокриено. Еден ден ќе излезе на виделина кои се нарачатели на оваа криза, кои биле крајните цели на истата, и зошто токму сега ја дестабилизираа Македонија. Граѓаните препознаваат сличности на нашата криза со таканаречените Шарени револуции кои имавме прилика да ги следиме низ светот.

Граѓаните препознаваат дека е нападната нивната држава, македонските национални интереси, иднината на нашите деца, препознаваат дека група домашни политичари најбрутално влегоа во реализација на сценариото кое водеше кон братоубиствена војна. Политичари, без кредибилитет, образ, достоинство, без љубов кон сопствениот народ и македонската држава беа спремни на најцрни сценарија со цел да ги реализираат своите политички планови.

Но дел од тие сценарија не се реализираа?

Ѕинго: Затоа што македонскиот народ е мудар народ, мнозинството Македонци, Албанци и припадниците на други националности, ја прочитаа оваа операција, го насетија планот, ги сфатија игрите на опозицијата и ги увидоа опасностите за државата од опозициските лидери. Истовремено македонската Влада одигра клучна улога во смирување на тензиите, многу смирено, одговорно и државнички се однесуваше за цело времетраење на кризата.

Дали мислите дека со одржување на парламентарните избори ќе заврши кризата?

Ѕинго: Нормално и логично би било да по завршување на изборите поразениот му честита на победникот, но јас се сомневам во таков исход. Се сомневам бидејќи со опозицијата ќе раководат истите луѓе, кои што 2014 не ја признаа кристално чистата победа на Коалицијата за подобра Македонија.

Повторно раководејќи се од теснопартиски интереси, кариеризам и гола борба за власт ќе дејствува во согласност со желбите и потребите на нарачателите на оваа криза. Поразениот СДСМ ќе бара форма и начин да влезат во Владата по секоја цена не бирајќи средства, иако нивниот пораз ќе биде повеќе од убедлив. Оваа опозиција има досега невидена стратегија за учество во власта иако убедливо ги изгуби сите избори досега.

Ќе победиме, веројатно ќе имаме најголем број пратеници, ама нам ни требаат 63 пратеника за да формираме влада. Имаме непријатели кои ке спречуваат да се формира влада, а тоа значи да се рашири политичката криза. Значајно е да се освести македонскиот народ и да тргне по патот на стабилизирање, за да си го повратиме суверенитетот и независноста, кои се загорезени од надворешни страни.

alt

Зошто сте убедени во убедлива победа на владеачката коалиција?

Ѕинго: Затоа што народот знае да препознае, народот знае да процени која политичка опција нуди стабилност, просперитет, развој, програма и има квалитетен и способен тим да ја реализира таа програма. Граѓаните знаат да го ценат исполнувањето на дадениот збор, граѓаните ги ценат напорите, работата и ангажманот на оваа владина гарнитура. Од друга страна истите тие граѓани не сакаат деструктивност, несигурност, неизвесност, лажни ветувања и гола пропаганда, ги препознаваат лагите и неспособноста на раководството на опозицијата. Ете затоа сум убеден во големата победа на Коалицијата за подобра Македонија.

Сите релевантни анкети покажуваат убедливо водство на ВМРО-ДПМНЕ со коалиционите партии, но опозицијата ги негира истите?

Ѕинго: Во изминатите изборни циклуси некои институции кои се занимаваат со јавното истражување многу точно ги погодија изборните резултати, затоа не би требало да има сомнеж во истите. Впрочем не ви треба анкета за да го почувствувате расположението на народот, од секојдневни контакти се чуствува силната енергија кај македонскиот народ за подршка на владеачката коалиција и со тоа за завршување на политичката криза.

Зоран Заев најави двојазичност и промена на Уставот на Република Македонија, а идтовремено се залага за федерализација на земјата?

Ѕинго: Малцинските права се едни од основните демократски придобивки во современита западна цивилизација. Македонија е еден од лидерите за малцинските права во светски рамки, држава со широки права на малцинствата кои живеат во неа и со примери на позитивна дискриминација.

Од друга страна, тие права беа договорени низ макотрпни преговори после меѓуетничката војна, со согласност на сите релевантни политички субјекти во државата се потпиша Рамковниот договор. Какви било отстапки од овој договор, негово проширување или надградување е повеќе од ризично и води кон целосна неизвесност и можна дестабилизација. Ваквите најави од одредни лидери се многу опасни обиди за понатамошно разнебитување на државата и продолжување на кризата.

Што Вие би им понудиле на македонските граѓани?

Ѕинго: Ние како коалиција постојано нудиме програма, ветената програма ја реализираме и даваме отчет за реализираното. Ова е начин како работиме ние, исполнувајќи го ветеното ние им возвраќаме на граѓаните за дадената доверба. Еве сега гледаме дека опозицијата ветува се и сешто, нереални ветувања без никаква реална основа и без намера да се исполни ветеното ако дојдат на власт.

Тоа не разликува нас од останатите, заемна доверба со граѓаните и реални проекти кои реално ги завршуваме. Во новата изборна програма ќе имаме многу нови мерки, инвестиции, зголемување на субвенции, пензии и плати. Во новата програма, која е најобемна досега се поставени основите за развој и просперитет на нашата држава во наредните четири години. Со реализација на оваа програма Македонија ќе има најсилен развој и најголем реформски циклус од осамостојувањето.

Да се префрлиме на меѓународната сцена, живееме во време на враќање на студената војна меѓу државите. Или можеби ова е само почеток на нов светски судир?

Ѕинго: Светот денеска се наоѓа во исклучително сензитивен период, неколкуте светски жаришта, замрзнатите локални конфликти, забрзување на трката на вооружување говорат за реална опасност од избувнување на војна од поширок обем.

Долго време имавме биполарен свет кој опстојуваше благодарение на стравот на едниот блок од другиот заради стратешкото нуклеарно вооружување, потоа живеевме во време на доминација на САД на меѓународната сцена, и сега имаме обиди на други држави пред се Русија и Кина да ја оспорат таа доминација. Затоа постои опасност од регионална или светска војна. Но сега во САД се избра нов претседател кој што веројатно ќе има малку поинаков поглед на глобалните светски односи и релации.

Новиот американски претседател Трамп, беше дочекан со воодушевување во балканските земји, зошто?

Ѕинго: Господинот Трамп, во своите предизборни настапи имаше серија на говори со кои вети дека ако дојде на власт ќе изврши целосна ревизија на меѓународната позиција на САД од една страна а од друга страна најави бескомпромисна војна против американскиот политички естаблишмент.

Самата победа на Трамп и појавувањето на Берни Сандерс на овие избори говори дека американскиот народ е заморен од политичките елити, бара покрупни, длабински резови во однос на начинот на владеење. Затоа беше дочекана победата на Трамп со радост на просторите на Балканот.

Дали мислите дека новиот американски претседател ќе биде поангажиран околу решавањето на спорот со Грција за името на Македонија.

Ѕинго: Американската надворешна политика е козистентна, не очекувам радикални промени ниту со новиот претседател на САД, иако очекувањата на дел од македонската јавност се зголемија во однос на тоа прашање. САД се стратешки партнер и пријател на Македонија, оваа македонска Влада се докажа како голем поддржувач на мисиите на НАТО, нашите професионални војници учествуваат во сите НАТО мисии во голем број.

Затоа е реално да бараме и да очекуваме влез во НАТО, а подоцна и во Европската Унија, но знаеме дека сме неправедно блокирани од страна на Грција поради спорот со името.

Колку спорот со името е поврзан со македонската криза?

Ѕинго: Очигледно е дека некој посакува во Македонија марионетска Влада, која ќе го смени уставното име, ќе обезбеди проширување на Охридскиот рамковен договор и ќе го смени уставот на Република Македонија. Логично е да се заклучи дека е тоа еден од можните мотиви за нарачка, организација и подршка на оваа двегодишна криза, во недостаток на докази не можеме со сигурност да го тврдиме ова, но многу индиции покажуваат дека постојат основани сомненија за ова.

Досега сте поминале низ многу изборни процеси, што очекувате од овие избори?

Ѕинго: Очекувам голема, огромна, недвосмислена победа на Коалицијата за подобра Македонија, оваа победа се чувствува во воздухот. Се чувствува револтот на граѓаните кон деструктивните политики на СДСМ и нивните ментори, се чувствува желбата да се стави крај на оваа криза и агонија, се чувствува желбата да се казнат антимакедонските политики на раководството на СДСМ, се чувствува љубовта на Македонецот кон својата татковина.

Многу досегашни симпатизери на СДСМ на овие избори ќе гласаат против обидот за загрозување на Македонија, многу патриоти од СДСМ ќе го казнат раководството за нивните политики. Овој пат сплотени Македонци, Албанци, Срби, Турци, Роми, Власи, Бошњаци и Македонци муслимани ќе испратат силна, моќна порака за опстанок на Македонија, ќе испратат порака за просперитет, стабилност, сигурност, развој, подобар стандард и подобар живот. Ќе испратат порака дека се за силна македонска Влада, Влада која ќе се базира на големо парламентарно мнозинство, Влада која нема да може да биде уценувана, Влада која ќе се спротивстави на сите обиди на разнебитување на македонскиот народ и држава.

Како Вие ја оценувате предизборната кампања досега во Р. Макдонија? Што мислите за настапот на политичките коалициии од едната и од другата страна и како тоа ќе се одрази на гласачите, ќе ги мотивира да излезат повеќе или нема да ги мотивира?

Ѕинго: Јас очекувам оваа предизборна кампања дека опозицијата ќе излезе со една форма на извинување спрема македонскиот народ и гласачите, за крупните грешки што ги направи во предходниот период на владеење кога македонската економија доживеа огромен геноцид, кога преку 300.000 семејства останаа без работа, а тоа значи околку милион луѓе останаа оставени на улица без надеж, перспектива, доведени во безизлезна состојба тоа значи една голема човечка трагедија и катастрофа во Македонија.

Мислам дека тоа требаше опозицијата да излезе и да му се извини на македонскиот народ, но таа настапи со истите тези кои тогаш ги применуваше, а тоа е лажење и ветување и не исполнување на ништо, продавање на магла и пласирање на такви идеи кои се веќе остварени во Македонија од 2006 до 2015 година. Они само ги дуплираат цифрите за да предизвикаат интерес кај луѓето. Од друга страна, ние сме во една ситуација кога позицијата, власта зборува што направила од 2006 до 2015 година и што ќе направи наредните 4 години.

Овие денови одејќи низ Македонија гледам дека Македонија станува едно големо градилиште, се градат автопати, регионални патишта, улици, тротоари, булевари, училишта, болници, стадиони, сали, игралишта. Во делот на културата практично се направи една ренесанса во Македонија. Се дигна голема и индустриска снага и моќ во последниве години и не само во индустриските зони и туку и надвор од нив, имаме огромен број на нови фабрики, рапидно е смален бројот на невработени лица, имаме раст оваа година и во индустијата и од 10 и 11% , и се приближуваме до земјите кои имаат таков скок во проценти како на пример Кина. Сето ова многу убаво се гледа.

Не можете вие еден слон да прекриете со крпче и да го сокриете резултатот. Ова не може да се сокрие. Опозицијата се обидува да го омаловажи да го негира пласирајки лажни информации. Луѓето кои настапуваат од опозицијата ги менуваат своите ставови секој ден, еден ден викаат ке прават промена на Уставот и државата ке ја редефенираат и ке ја федерализират, следниот ден велат дека тие такво нешто не кажале.

Ме изненади е што опозицијата вели дека тоа што не сме членки на ЕУ дека е виновна Македонија. И дека за проблемите со Грција и Бугарија ние сме виновни. Тоа со друг јазик кажано, значи дека Грција е во право, Бугарија била во право. Спрема тоа, они сметаат дека ние не сме Македонци дека ние не сме Македонија, дека не треба да си имаме држава Македонија, така велат нашите соседи, тоа е голема неморално, неполитичко, нечовеко однесување во Македонија.

alt

Кој е Вашиот став за идното членство на Македонија во ЕУ, што е една од нашите стратешките цели. Самата ЕУ се менува, сведоци сме дека В. Британија ја напушти Унијата, се случуваат најави дека ке бидат запрени и преговорите со Турција, а од друга страна ЕУ сака да воведе данок, односно такса за секој граѓанин од западен Балкан што треба да влезе во било која европска држава. Се менува политиката и внатре во самата ЕУ и кон нејзините партнери ако можеме така да ги наречеме. Што мислите вие во кој правец сега треба Македонија да се движи по однос на ЕУ?

Ѕинго: Од усвојувањето на Декларацијата во Собранието во 90-тите години до денес, ЕУ изгледа сосема поинаку. Тогаш во ЕУ владееше демократија, се почитуваа човековите права, слободата на движења, помошта на ЕУ што ја даваше на новите членки. ЕУ тогаш ја водеа изразито квалитетни луѓе , и во поеднини држави како Франција, Англија, Германија се наоѓаа на врвните позиции и ЕУ беше многу привлечна, но во меѓувреме таа се промени, не е она што беше.

Во ЕУ владее корупција, криминал, прекршување на правото. ЕУ влезе во длабока економска криза предизвикана од несоодветно однесување на раководството во ЕУ. Карактеристичен е случајот на Македонија со лисабонската декларација, дека во нашето име не треба да стои зборот Македонија. Со оваа декларација, ЕУ падна на испитот на општите вредности кои ги имаше. Понатаму, процесите не се движеа за Македонија да се приближи кон ЕУ, туку што е можно повеке да се оддалечи, тие со ништо не помогнаа за промените во Македонија, ни со финансии ни со било кои други прифатени модели. Тие се повеќе се повеке се мешаа во внатрешните работи на Македонија посебно преку своите амбасадори и со тоа излегуваа надвор од дипломатските манири. ЕУ се појави како еден вид колонизатор при што со одредени средства кои ги даваше, сакаше да се однесува како финансиски робовладетел.

Кај нас, пак, некои недоквакани политичари пласираат теза дека ние немаме алтернатива. Како може една држава да биде без алтернатива, секогаш има повеќе алтернативи, па се бара која е покорисна, не може да се зборува дека се нема алтернативи. Ние се определивме за алтернатива која во тој момент ни беше најпогодна. Јас ова го кажувам како свое лично мислење и мислам дека ние треба да седнеме и да ја преиспитаме целата наша политика спрема тие процеси.

Како треба да се одвива нашата политика?

Ѕинго: Ние треба да водиме една космополитска политика со сите народи во светот да градиме убави односи и да соработуваме и најважно е ние самите да си направиме единство, да сме насочени кон економијата бидејки таа е фундаментот на државата, а ако е фундаментот јак и добро изграден можете да градите се што треба да ја обележува една државa.

Ако ја рашиме економијата и прашањето на невработеност да ги подигнеме личните доходи, ако ги развиеме демократските процеси и ако стекнеме навика на културно и цивилизирано однесување, ако го вратиме партиотизмот националните чувстава кон својата земја кои сега опозицијата ги гази и ги смета на негативни, тогаш ние ќе се отвориме спрема цел свет и ние ќе живееме како и многу други мали држави.

Деновиве многу често имаме случаи на членови на други политички партии да преминуваат во СПМ. Што им нудите за да дојдат во Вашата партија и зошто бегаат од нивните први партии?
Ѕинго: Вие новинарите треба тоа да го проучите зошто е тоа така. Тој процес се одвива продолго време, од првите шарени револуции па наваму ние имаме масовно преминување на членови од други партии во нашата, прво како резултат на незадоволството од работењето на другите партии, а друго е конзистентната политика на СПМ врзана со македонскиот народ, партија која го гради култот кон Македонија, партиотскиот однос, националната свест за државата и за Македонецот, меѓучовечките односи.


Пред некој ден наполнивте 80 години и честитки за роденденот, што мислите дека ја чека Македонија во иднина и што би им порачале на младите лично?

Ѕинго: Прво да се заблагодарам за честитките, ќе беше подобро да беше 50-ти или 60-ти роденден за да имаме повеќе време да работиме за Македонија. Јас се занимамвам со политика околку 60 години, во два система, во две докажани држави - Југославија и Македонија. Македонскиот народ е работлив народ и денес кога Македонците одат по светот да работат, тие држави се многу задволни од Македонците како работници. Сето она што го достигнавме до 2015-2016 година е голема работа за која веројатно сега не се свесни многумина. Ова е богатство како што градевме 45 години во претходна Југославија, кое го уништија други политички мангупи. Ние треба ние да работиме да си создадеме држава каде нашите поколенија ќе живеат пристојно, младите да не одат надвор туку да останат тука и тука да си ја остварат својата егзистенција, не може тој процес на движење на луѓето да се запре. Но може да се сведе на нормала. Ако луѓето се свртат кон творење и креативност иако се спремни тие кои ја водат државата да издвојат големо време за доброто на државата резултатите се гледаат, кој било и да сака да го направи негативно - тоа не е можно.

Вие сте човек со веројатно најголемото политичко искуство во Македонија,ако треба да го живеете одново животот, дали би го избрале истото пак?
Ѕинго: Јас сум така воспитан, моите дедовци,татко, браќа се учесници во сите процеси на ослободување на Македонија. Јас Македонија ја сметам за света земја, ја сакам како што ги сакам моите родители, моите деца, внуци. Можев да живеам каде сакам, јас ја одбрав Македонија, создадав тука и сметам дека секој тоа треба така да го прави.

Сподели