Православните христијани во Македонија денеска го празнуваат Свети Никола Чудотворец-светецот заштитник на децата, морепловците, девојките, сиромашните, учениците, пекарите, аптекарите, трговците, патниците и е слава која ја одбележуваат најмногу семејства. На овој ден не се работат никакви домашни работи, не треба да се чисти и пере.
Именден празнуваат оние кои се викаат Никола, Нино, Николина, Коле, Кула, Нина…
Во народното паметење овој лик останал како заштитник на патниците, посебно на оние што патуваат по вода, но и по тоа што како за време на животот така и по смртта ги помагал сиромасите, ги заштитувал затворениците и неправедно осудените, ги откупувал робовите и ги пуштал на слобода.
Свети Никола е еден од најпочитуваните светци, а го слават и православните и католиците. Многу македонски семејства вечер со богата посна трпеза на која преовладуваат рибата и посните сарми ќе го прослават празникот. Свети Никола е еден од најсаканите христијански светци.
Овој светец е роден во малоазискиот град Патара, пристаниште на медитеранскиот брег на денешна Турција, свети Никола живеел во 4 век, многу пред расколот помеѓу православната и католичката црква од 1054 година.
Неговите богати родители Теофан и Нина, синот Никола го добиле во време на владеењето на римскиот цар Валеријан (253 – 260 година), алчен човек што поради страста за златото организирал воен поход на Персиското царство. Персискиот крал Шапур го заробил во битката кај Едеса, го понижувал во заложништвото и, на крајот, го убил сипајќи му истопено злато низ грлото, како симбол на неговата алчност.
Бидејќи Валеријан бил прв (и останал единствен) римски цар што е заробен во борба, неговото заложништво и смрт предизвикале бран нестабилност во Римската империја.
Кога неговите родители умреле во големата епидемија, Никола го разделил целото наследено богатство. Уште како дете се истакнувал со добро воспитание поради што станал омилен и пред Бога и пред луѓето. Го одгледувал чичкото, архиепископот Патаре, под чие будно око Никола напредувал во црквената хиерархија. По смртта на чичко му, Никола е избран за архиепископ мирликијски.
Во тешките времиња кога римските цареви преземале гонења против Христијаните, Свети Никола непоколебливо стоел на своето место и со својот пример не дозволил да отпаднат од христијанската вера. Кога светиот цар Константин Велики ја признал Христијанската вера и дал целосна слобода на верата, Свети Никола развил уште поголема дејност и во Христијанската вера привел мноштво луѓе. Присуствувал и на Првиот Вселенски Собор во 325 година.
Свети Никола се претставил во Господа во длабока старост на 6 декември 343 година. Телото негово почива во градот Мир во Ликијската област во Мала Азија.
На иконата Свети Никола се претставува со својата архиерејска одежда. Тој се смета за заштитник на морињата, бидејќи многу морнари спасил и им помогнал на морепловците. На сите христијански бродови се наоѓа иконата на светителот, а спроти денот на славењето сите бродови застануваат каде и да се наоѓаат, се фрла сидрото во морето, ќе се помолат и ќе прославуваат цел ден, а утредента ќе го продолжат пловењето.
По црвениот плашт и белата брада потсетува на денес модерниот приказ на Дедо Мраз. Во поново време, благодарение на рекламите и потрошувачкото општество, најпознат е како Дедо Мраз (Санта Клаус, скратено од Санта Николаус – свети Никола). Додека на православните икони е прикажан како висок човек во препознатлив црвен плашт, со епископска митра на главата и со стап во рацете, како ги дарува децата со подароци од вреќата, потрошувачкото општество тоа малку го „зачинило“. Црвениот плашт останал, како и долгата седа брада, но се додадени ирвасите што ги влечат санките со кои Дедо Мраз го обиколува светот во текот на Бадниковата вечер.

