Турканици, чекање ред на каса и по 10-тина минути, дисконтни цени на некои производи, гратиси... Сето ова се случуваше во саботата на отварањето на супермаркетот „Пакет-маркет“ во објектот на поранешната автобуска станица во Кратово. Очигледно добар маркетиншки потег беше „балонијадата“ што се случи на градскиот пазар, како претходница на стампедото од најмалку 1.000 граѓани на Кратово кои во саботата продефилираа низ маркетот. Некои со полни торби намирници, некои со 100 грама кафе или пакетче смоки, чисто да се проверат цените и понудата. Отварањето на супермаркетот, инаку втор во градот, е добра вест за граѓаните од нашата општина, но и „јадица“ за помалите „маалски“ продавници да ги симнат цените и да му конкурираат на супермаркетот, кој сигурно претендира да им го преполови прометот на малите дуќанџии.