Уште една недела до „Златни денови“, еве ја сатницата на фестивалот

Петок, 01 Јули 2016 16:01 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати

„Златни кратовски денови“ трета година по ред ќе ја разигра атмосферата во Кратово, градот на кулите и мостовите. Веќе познатиот настан, кој е прераснат во препознатлив бренд на овој мал и историски град, од година во година ја збогатува својата музичка програма.

Третото издание, кое ќе се одржи од 8 до 10 јули, ветува незаборавна забава со весела музичка атмосфера за која ќе се погрижат познати македонски и балкански ѕвезди, како Бора и „Рибља чорба“, Ефто Пупиноски, Миле Кузмановски, Кате од „Нели ти реков“, Круме Спасовски, етно група „Монистра“, „Трио гранде“, Пинковите ѕвездички и секако познатите звуци на тамбурашите во склоп на „Европскиот тамбурашки етно фестивал“, кој ќе се одржи  на сцената во склоп на „Златни кратовски денови 2016“. Атмосферата како и во изминатите години ќе биде дополнета и со вечерна забава со диџеи на базенот „Кратово“.

„Би сакал да ја поканам целата јавност на заедничко дружење во жива изведба со најголемите хитови кои последниве 20 години емоционално ве разнежуваат, веселат, и ви го разубавуваат животот. Повелете на заедничко дружење кое ќе го паметите“, изјави Ефто Пупиноски за претстојниот тридневен настан.

alt

Топлиот ден во недела ќе биде оплеменет и загреан и со веселите звуци на „Златно славејче“, кои ќе бидат вистинско летно освежување за најмалите. Атмосферата секако ќе биде збогатена и со настапите на младите познати музички ѕвезди, како Влатко Илиевски, Тајзи и Спејко и Дани Димитровска, која моментално е актуелна со својот нов видео запис за песната „Суштина“.

„Се радувам за можноста да бидам дел од овој веќе препознатлив настан и бренд на македонската музика. ’Златните кратовски денови’ се прекрасна музичка традиција за која сè поголем интерес пројавуваат и младите – нешто за кое навистина ми е драго. Чест ми е што ќе бидам дел од овој музички спектакл. Се надевам дека оваа година ќе има уште поголем одзив од сите генерации, а најмногу од најмладите. Како и секогаш, на сите им ветувам незаборавна забава и дружење,“ изјави пејачката Дани Димитровска.

Културната музичка манифестација „Златни кратовски денови 2016“ веќе е традиција која полека им станува навика на сите обожаватели на убавите македонски и балкански мелодии, а од организаторите најавуваат уште поголем одзив од изминатите две години.

Сподели