текстот е преземен од www.utrinski.com.mk
Социјалистичката партија на Македонија за две недели ќе го одржи партискиот конгрес на кој се очекува да биде избран старо-новиот лидер
Седумдесет и шестгодишниот Љубисав Иванов-Ѕинго е на чекор повторно да биде избран за лидер на социјалистите. Калкулациите во јавноста дека првиот човек на социјалистите би можел да се повлече од политиката и по 16 години да ја препушти раководната позиција во партија на некој од неговите најблиски соработници, паднаа во вода. Неговите сопартијци тврдат дека и по педесетина години поминати во политиката, тој се' уште ја има довербата кај општинските организации, кои во изминатиот период му дале едногласна поддршка за реизбор.
Конечната одлука треба да биде донесена на 29 декември годинава, за кога партијата го закажа одржувањето на партискиот конгрес. Потпретседателот на СПМ, Јован Лазаров, за „Утрински весник“ изјави дека ситуацијата веќе е искристализирана. Ивановски не само што ја добил поддршката од своите сопартијци, туку и не се појавил противкандидат кој би сакал да го заземе неговото место, кое и понатаму останува зацементирано само за политичарот и бизнисменот од Кратово.
„Во изминатиот период секоја општинска организација требаше да предложи свој кандидат. Но, тие едногласно го кандидираа Ивановски. Значи немаше листа на повеќе кандидати од кои сопартијците би можеле да избираат“, тврди Лазаров.
Најавите се дека на Конгресот на партијата кој ќе се одржи во хотелот „Александар палас“, ќе се појават околу 850 партиски членови, симпатизери и гости. За кандидатурата на сегашниот претседател ќе можат да се изјаснат 333 делегати, со право на глас.
Покрај изборот на старо-нов претседател, на дневен ред на конгресот на СПМ ќе биде и изборот на републичкиот одбор. „Ќе се усвои и политичка декларација и ќе се избираат органи и партиски тела. Меѓу другото ќе се разгледа и извештајот за работата на партијата меѓу двата конгреса“, вели потпретседателот Лазаров.
Иванов беше пратеник со најдолг стаж во Собранието, се' до пред неколку месеци кога одлучи да се повлече од пратеничката функција, на која беше речиси пет децении. Официјалното објаснување беше дека Иванов се повлекува поради лични причини и проблеми со здравјето.
Неговото повлекување од пратеничките редови се случи во период кога се засили притисокот од Советот за радиодифузија околу дефинирањето на сопственичките структури на телевизиите, меѓу кои и на Сител. Социјалистичката партија, како партнер во владејачката коалиција, во законодавниот дом сега ја застапуваат само Малиша Станковиќ и Владанка Авировиќ.
Иванов политичката кариера ја почнува како пратеник и член на Комунистичката партија во времето на поранешна Југославија. Тој е основач на компанијата „Силекс“ од Кратово. Тој беше дел од сите парламентарни состави, почнувајќи од 1990 година, по првите повеќепартиски парламентарни избори. Претходно, долги години како делегат учествувал во работата на еднопартиското Собрание. Во првата декада од независноста и плурализмот, Иванов тесно соработуваше со СДСМ, а по распадот на коалицијата во 2002 ја продолжи соработката со ВМРО-ДПМНЕ, која се' уште трае. (Д.Т.)