На достоинствен начин, како што му прилега на ликот и делото на заштитникот на градот, кратовчани денес го прославија празникот св.Ѓорѓи Кратовски.
Река луѓе од сите страни се слеаја во живописното гратче под Осоговските планини да му одадат почит на светителот и новомаченик св.Ѓорѓи Кратовски.
Во отсуство на владиката Кирил, спрема кого кратовчани имаат посебни чувства, со свечената литургија началствуваше епископот лешочки г.Јосиф.
Во малата црквичка која го носи името на светецот, присуствуваше и претседателот на државата, господинот Ѓорге Иванов, со сопругата Маја, инаку родена кратовчанка.
Прославата продолжи на градскиот плоштад „Павел Шатев“, каде епископот Јосиф го кршеше славскиот колач и освети вода за верниците.
Градоначалникот на Кратово, Мите Андоновски, на претседателот Иванов му го честита именденот и му подари мала статуетка од заштитникот на градот, реплика на постоечкиот споменик во градот.
Претседателот Иванов се сретна со граѓаните на Кратово, а ја посети и Саат кулата, архитектонско ремек-дело старо околу шестотини години.
Прославата на празникот продолжи во реновираниот хотел „Кратис“.
Оливер Арсовски