Владеачката коалиција одржа митинг во Кратово

Сабота, 21 Мај 2011 17:37 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати

Никола Груевски го побара гласот на кратовчани

Kоалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, денеска во Кратово претстави дел од 20-те кандидати за пратеници во третата изборна единица.
На митингот зборуваше претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, кој на граѓаните на Кратово им вети подобра инфраструктура, зголемување на субвенциите во земјоделството, и нови вработувања во градот. Лидерот Груевски побара нов мандат и 62 пратеника, вети
1.200 нови проекти, партиципација за лекување во странство од 200 евра, нови болници, патишта, помали даноци, поголеми субвенции, двојно поголеми плати за најдобрите лекари...

Во говор кој траеше петнаесеттина минути, побара граѓаните да ги мерат по сработеното, но да не го даваат гласот за помалите партии за да не ја слабееле победничката коалиција, посака да ја реформира и опозицијата за да била посилна бидејќи и таму имало добри луѓе.

Груевски од Кратово му порача на лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, дека последниот, и најголем пораз ќе го доживеел на 5 јуни, а со тоа ќе ја добиел и доживотната политичка пензија.

Пред граѓаните на Кратово се обрати и актуелниот пратеник Марјанчо Колевски, кој вети нови вработувања, а најави и можна инвестиција на италијанскиот чевларски бренд „Кадора“, кој планира сериозни инвестиции во нашата општина. На граѓаните им се обрати и пратеникот Љубисав Иванов - Ѕинго, кој во саркастичен стил се исмеваше на неодамнешниот митинг на ЛДП во Кратово, кога Манасијевски со змии и магариња проба да го ослободува Кратово. Свое обраќање имаа и градоначалникот на Кратово, Мите Андоновски, кој изрази огромна благодарност до премиерот Груевски за многуте проекти во Кратово кои финансиски биле помогнати од Владата на ВМРО-ДПМНЕ. На насобраната толпа и се обрати и носителот на кандидатската листа во ИЕ 3, Влатко Ѓорчев, како и министерот Владимир Пешевски, кој беше примен со големи симпатии од кратовчани, откако посочи дека има потекло од кратовското село Крилатица.

Сподели