За 10 години преполовен бројот на невработени во Кратово

Четврток, 08 Септември 2016 09:44 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати

altВо 2006 година во Кратово во евиденцијата на Агенцијата за вработување имало околу 2.600 невработени лица, а денеска има половина помалку, или, околу 1.300 од кои околу 800 се активни баратели на работа, а 500 лица се пасивни баратели на работа. Според заменик-министерот Диме Спасов, кој денес беше во посета на новиот Центар за вработување во Кратово, малото градче на североистокот има позитивни резултати од реализацијата на проектот „Македонија вработува“ преку кој има реализирано 54 работни места. Покрај овој, се спроведуваат и останатите мерки за вработување, како што е грантот за самовработување, поддршката на вработувањето на лицата со инвалидност, како и големиот број обуки што се нудат преку Центарот за вработување и преку Оперативниот план за активни мерки и политики за вработување на Владата на Република Македонија.
Според него, особено е важно Центарот за вработување да има квалитетни услови за работа, а со тоа и поквалитетни услуги што ги нуди самата институција.
- Инвестираме многу во подобрување на условите за работа на институциите под Министерството за труд и социјална политика. Досега преку ИПА програмата на ЕУ се издвоени околу 1 милион евра за реновирање на центрите за вработување. Завршено е со целосно реновирање и опремување со нова модерна и современа опрема на 12 центри за вработување во нашата држава. Исто така, околу 11 центри за социјална работа се целосно реновирани со сопствени средства, додека, пак, има тековен проект во реализација преку ИПА програмата на ЕУ исто во износ од околу еден милион евра за реновирање на вкупно 30 објекти при центрите за социјална работа и дневните центри, истакна Спасов.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски потенцира дека е обезбеден нов објект бидејќи стариот не ги задоволуваше потребите и со средства од Агенцијата е реновиран објектот кој е обезбеден пред една година. 

Тој најави дека ќе се реновира и објектот во Дебар, а во 2017 година ќе се реновира и објектот во Струмица. - Засега се тие во план бидејќи толку средства имаме планирано, но подоцна ќе бидат и во Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Струга, Прилеп и на крајот ќе остане Велес бидејќи во Велес ќе треба да бараме нов објект, појасни Поповски.   О.А.

Сподели