За жал, и Кратово се најде на мапата на коронавирусот

Понеделник, 04 Мај 2020 12:05 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати

Во изминатите 24 часа се направени 113 тестирања, а потврдени се 7 нови случаи на КОВИД-19 и тоа во: Скопје-1, Прилеп-1, Тетово-4 и Кратово-1, објави на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче. Тоа значи дека, официјално, од денес и нашата општина се најде на мапата на коронавирусот. Дознаваме дека заболениот е од кратовското село Кетеново, и му посакуваме што побрзо оздравување.kratovo2

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина еден пациент од Скопје на 65-годишна возраст, хоспитализиран на клиниката од 27 април. Филипче претпладнево објави дека починатиот пациент е ТВ-водителот, композитор и пејач Драган Вучиќ.

„Утрово на Инфективната клиника од коронавирусот почина нашиот познат музичар, композитор и ТВ-водител Драган Вучиќ. Тој беше хоспитализиран пред осум дена откако состојбата му се влошила и од тогаш е лекуван на Оделението за интензивна нега. И покрај сите напори на лекарите и целиот стручен тим, Вучиќ со многу тежок наод на белите дробови, за жал, му подлегнал на вирусот. Упатувам искрено сочуство до семејството и блиските“, објави министерот.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1.518, бројката на оздравени пациенти е 992, на починати е 85, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 441. Досега се направени вкупно 17.359 тестирања на КОВИД-19.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 47 оздравени пациенти, и тоа во следниве градови:
– Скопје 9
– Куманово 9
– Прилеп 8
– Тетово 13
– Охрид 1
– Гостивар 5
– Кочани 1
– Крива Паланка 1

Во изминатото деноноќие на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби примени се 2 нови пациенти, а вкупно хоспитализирани 41. На кислородна поддршка е 21 пациент, а на механичка вентилација 1.

Во ГОБ „8 септември“ примени се 3 нови пациенти, а вкупно хоспитализирани 24. На респираторна машина се 5 пациенти, а уште 3 се со потешка клиничка слика.

Во болницата во Битола се лекуваат 4 пациенти, а на домашно лекување се следат уште 2 пациенти.

Во болницата во Штип се хоспитализирани вкупно 4, а уште 4 се следат на домашно лекување.

На инфективните одделенија во Прилеп, Велес, Куманово, Гостивар и Тетово се хоспитализирани 46 позитивни и суспектни на ковид-19.

Сподели