Започна реконструкцијата на киното во Кратово (ВИДЕО)

Понеделник, 22 Октомври 2012 12:18 Оливер Арсовски 0 Коментари
Печати

автор - Оливер Арсовски

По повеќе од дваесет години, киното „Напредок“ во Кратово наскоро ќе ги прими првите посетители. Деновиве интензивно се реновира објектот кој во 80-тите години на минатиот век беше центар на сите културни збиднувања во Кратово.

-Извршена е промена на покривот, а внатрешно ќе се реновираат ѕидовите и плафонот. Ќе се постават и околу 250 седишта, со што ќе ја заокружиме првата фаза и ќе го ставиме објектот во функција. Во периодот што потоа ќе следи ќе се работи на надворешната фасада и балконот. Внатре ќе бидат реновирани и тоалетите и ќе бидат поставени нови влезни врати. Кино-салата ќе добие еден пристоен изглед и во неа ќе може да се одвиваат различни манифестации – истакна градоначалникот на Кратово, Мите Андоновски.

Реконструкцијата на овој мултифункционален објект ќе чини 11 милиони денари. Над половина од средствата обезбеди општината Кратово, а два милиони денари доделува Министерството за култура. Остатокот од 2,4 милиони денари се донација на Швајцарската агенција за соработка и развој преку програмата „Форуми во заедницата“.

alt

Сподели