Даниела Ангеловска и Александар Петров се годинешни невеста и зет на Шопската свадба која по вторпат, денес и утре, се одржува во Кратово и кратовското село Куклица. Манифестацијата започна денес со венчавка во кратовската црква „Св.Јован Крстител“, каде беше крунисана љубовта на младата кратовчанка и зетот од Неготино.
-Сум бил на Галичката свадба и сум ги видел тамошните обичаи. Но, никогаш не сум ниту сонувал дека ќе бидам дел од една друга свадба, шопската, која има многу интересни специфики. Навистина е прекрасно да се биде шопски зет во карактеристична носија каква се носела во минатото во шопските краеви – изјави зетот Александар Петров.
Свадбените обичаи започнаа попладнево, а ќе продолжат утре на локалитетот „Скаменета свадба“ во кратовското село Куклица. Таму со зурли и тапани ќе бидат пречекани младоженците, а се очекува голем број гости од земјава и соседните држави да бидат сведоци на старата шопска традиција. Организатор на манифестацијата е здружението „Етно ризница“. Кумови на младоженците им станаа полскиот амбасадор Јацек Мултановски и организаторот на манифестацијата Драган Митевски.  Оливер Арсовски
