Со настапот на малите ѕвездички од „Златно славејче“, беше спуштена завесата на една извонредно успешна и прекрасна музичка манифестација наречена „Златни денови“. Три дена забава, уживање и адреналин минаа за час, илјадници посетители од земјава и соседството задоволни и со насмевки на лицата полека си заминаа од Кратово. Градот на кулите и мостовите доби уште еден препознатлив културен белег благодарение на „Златни денови“, манифестацијата која полека, но сигурно ќе прерасне во традиционална.
Што се однесува до музичкиот избор, тука нема дилеми дека имаше големи имиња за сите генерации посетители. Бајага, Елена, Куку Леле, Чалгија саунд систем, ѕвездите на Икс фактор, кремот од македонската фолк-естрада направија извонредна атмосфера, надополнето со журките во полноќните часови на базенот во Кратово.
Раце тријат и хотелиерите, издавачите на соби, локалните гранапчиња, ресторани и сендвичари, велат одамна немале толку работа и толкав промет како викендов.
Заклучокот е едноставен, „Златни денови“ продолжуваат и догодина со тенденција уште повеќе да растат.


