Холандски компании се заинтересирани за инвестирање во македонскиот земјоделски сектор, истакнал вршителот на должноста амбасадор на Холандија во Македонија Питер Верхеен на вчерашната средба со македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.
Вршителот на должноста амбасадорот Верхеен изразил уверување дека во иднина Kралството Холандија со експертски тимови ќе му помага на македонското земјоделство, со цел полесно и побрзо приспособување кон новите современи текови во производството на храна.
На средбата е констатирано дека соработката на Република Македонија и на Kралството Холандија е на високо ниво, но на полето на земјоделското производство може да се продлабочува и интензивира.
- Изминативе неколку години земјоделството во Република Македонија доживува вистинска експанзија. Евидентираме зголемување на квантитетот и на квалитетот на целокупното земјоделско производство. Позитивни се резултатите во лозаро-винарскиот сектор, во производството на овошје и зеленчук, како и во областа на тутунопроиозводството и другите индустриски култури. Поаѓајќи од ставот дека само добро организирани земјоделци се продуктивни земјоделци, сега нашите напори преку програмите за поддршка се насочени кон организирање на производителите - нагласил на средбата министерот Цветков. Особена грижа, како што навел, има за преработувачкиот сектор и затоа на заинтересираните домашни и странски инвеститори им се нудат големи поволности за инвестирање во земјоделско-прехранбената индустрија преку давање под закуп државно земјоделско земјиште и можност за инвестирање во слободните економски зони.
Министерот Цветков го информирал амбасадорот дека заинтересираните фирми за вложување во откупно дистрибутивни центри имаат можност да добијат и државно земјоделско земјиште, а со цел обезбедување поволни услови за стопансисување, подготвени се и голем број даночни олеснувања, како и можност за брзо регистрирање компанија.
