Жителите на Кратово уште еднаш ја покажаа својата хумана страна, откако денес масовно се приклучија на хуманитарната акција за помош на шеснаесетгодишниот Андреј Насевски од Злетово, кому му е потребна лекарска интервенција во Кина која чини 30.000 евра. Акцијата ја организираа учениците од „Митко Пенџуклиски“ и професорката Сандра Миневска под слоганот „Со срце од срце“. Учениците продаваа колачиња во форма на срце по симбилчна цена, а парите ќе му бидат предаденина Андреј.
-Со купување на колачиња во форма на срце, обликот кој претставува љубов, солидарност и хуманост, граѓаните на Кратово му помогнаа на Андреј, кој се бори со ретка болест. Нему му се потребни 30.000 евра за трансплантација на матични клетки во Кина, а ние успеавме денес да собереме 24.000 денари. Ги замолуваме сите наши родители, роднини, пријатели и познајници и во следните денови да се вклучат во оваа акција за да му помогнеме на нашиот врсник да може да се радува на своите детски години исто како и ние – велат учениците од средното училиште „Митко Пенџуклиски“ во Кратово.
Колачињата во облик на срце ги изработија средношколците од угостителско – туристичката струка во Кратово.
