gogo

A+ R A-


Убавините на Рашковец – долината помеѓу кратовските вулкани!

Подготвиле: Бојана Алексова (студент на географија од Кратово) и д-р Ивица Милевски
Кратовската област е позната по карактеристичниот палеовулкански пејзаж кој се одликува со бројни вулкански купи, некови, траги од течење на лава, вулкански бомби и сл. Ваквата релјефна морфопластика се одразила и на хидрографските, почвени, вегетациски и останати природни, па и социо-економски карактеристики на овој простор. За жал, голем дел од уникатните појави и локалитети со кои изобилува подрачјето околу Кратово, сеуште не се доволно истражени, ниту презентирани на пошироката јавност. Токму затоа, во оваа статија на кратко ќе ве запознаеме со живописната месност Рашковец кој се наоѓа во долината на истоимениот повремен водотек, 2-3 km северно од градот Кратово.

altДо него, најлесно може да се дојде преку патот кој води од кружниот тек на влезот во Кратово, кон “Зорле маало”, а потоа пеш по јасно видлива пешачка патека која води низ долината. Самиот водотек (Рашковец) е долг околу 10 km и функционира главно за време и неколку денови до недели по појава на врнежи или топење на снег, додека во останатиот период речното корито е суво. Причина за такво нешто е големата обесшуменост на овој простор уште од времето на Османлиското владеење кога огромна количина на дрвна маса се користела за топење на руда, за огрев и други намени. Уникатноста на Рашковец е тоа што тече преку терен со променлив геолошки состав што се одразило на морфологијата на неговата долина. Така во горниот дел, сливот е изграден главно од палеозојски шкрилци додека во долниот дел од мешавина на неотпорни вулкански туфови и бречи, со појаси од доста цврсти андензитски (лавични) карпи. Тоа условило силна селективна ерозија со скалести карпести отсеци надолжно и попречно на речната долина. Така, кога водотекот Рашковец функционира, по неговата должина се јавуваат неколку водопади, од кои најголемиот е висок дури 12 метри. Истиот, особено е интересен при поголем протек на водата, кога формира тенка водена завеса. Водопадот се наоѓа токму во месноста Рашковец, на околу 650 метри надморска височина.

altОколу самиот водопад има крупни вулкански бомби со различна големина, од кои некои достигнуваат пречник и до 1 m. Вулканските бомби со вакви димензии зборуваат за жестината на некогашните експлозивни ерупции, кои на овие простори биле активни пред околу 20 до 30 милиони години (односно помеѓу олигоцен и миоцен). Покрај водопадите и вулканските бомби, интересна релјефна појава на долинските страни се пространите ерозивни плочници – резултат на оголеноста и силна еродираност на вулканските бречи и туфови, а на неколку места се забележуваат фосилизирани лавични текови. Движејќи се пак нагоре по долината, се поминува низ густа шума покрај самиот водотек, а речното корито е каменливо, наместа со мали базенчиња (вирови), брзаци и водопади. Секако, по престојот во природа, посетителите можат да поминат низ градот Кратово и да се освежат еден од бројните традиционални ресторани како и да пробаат од Кратовската пастрмајлија. За оние пак којшто еден ден не им е доволен и сакаат да видат нешто повеќе од бројните природни и културни атракции, можат да преспијат во Хотел Кратис и утредента да продолжат со своите авантури.

alt

Подготвиле: Бојана Алексова и д-р Ивица Милевски

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

green-green-green

my way

youtubeplayer-xlarge

sil

Sanceva

Busbunar

mod_vvisit_counterДенеска2443
mod_vvisit_counterВчера2414
mod_vvisit_counterОваа недела13982
mod_vvisit_counterМинатата недела24008
mod_vvisit_counterОвој месец75024
mod_vvisit_counterМинатиот месец93069
mod_vvisit_counterВкупно11067282
© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.