gogo

A+ R A-


Вицепремиерот Ставревски најави индустриска зона во Туралево

Е-пошта Печати PDF

Пред пет месеци беше свлечиште кое се закануваше да урне неколку куќи, а сега е модерен пат со две коловозни ленти, тротоар и заштитна градина. Најважно е што лизгањето на земјиштето е запрено, а безбедноста на граѓаните на Кратово веќе не е доведена во опасност.
Токму завршувањето на изградбата на свлечиштето беше повод вицепремиерот во Владата, Зоран Ставревски, да го посети Кратово. Видно задоволен од виденото, Ставревски вети финансиска поддршка за уште неколку инфраструктурни проекти.

-Денешната посета е за да се потврди завршетокот на изградбата на свлечиштето во Кратово. Имав можност да се уверам дека на местото кое некогаш беше свлечиште и претставуваше проблем за граѓаните на Кратово, денес имаме санирана улица која е по сите стандарди, со две широки ленти и тротоари, така што за граѓаните на Кратово го направивме она што им го ветивме. Кога се случи свлечиштето поради временските непогоди, ветивме дека ќе го санираме за 3-4 месеци и еднаш засекогаш ќе го решиме.
Посетата на Кратово ја искористив за да поразговарам со градоначалникот Мите Андоновски, советниците и пратениците за тоа како оди реализацијата на останатите инфраструктурни проекти. Владата е посветена на поддршка на општина Кратово, за санација на свлечиштето дадовме 58 милиони денари, но ќе дадеме и дополнителна финансиска поддршка за крупни инфраструктурни проекти. Сакам да ја споменам индустриската зона во кругот на фабриката „Иднина-Змеј“ која треба да биде готова до средината на следната година. Таму ќе може бизнисмените да инвестираат во нови погони и да отвораат нови работни места.
altСо градоначалникот и советниците разговаравме за можноста за изградба на паркинг и градски пазар и тука ќе обезбедиме финансиска поддршка. Се изготвуваат проектите и очекувам до крајот на следната година да имаме реализација. Исто така, спортската сала во училиштето „Кочо Рацин“ е еден од приоритетите на Владата, очекувам во 2015-та таа да влезе во програмата и да почне реализацијата. Наскоро ќе заврши изградбата на фудбалското игралиште, а секако има и други проекти кои општината ги реализира, така што следните година-две ќе бидат години на поинтензивен економски развој и поинтензивни инвестиции во инфраструктурата на општина Кратово – изјави Ставревски.
Своето задоволство од сработеното во 2013-та го изрази и градоначалникот на Кратово, Мите Андоновски.
-Оваа година, благодарение на помошта од Владата на РМ, асфалтиравме и изградивме неколку локални патни правци во селата Трновац, Туралево, Вакав и Шопско Рударе. Во селото Каврак асфалтиравме 3,2 километри пат за да ја поврземе општината Кратово со општина Пробиштип и браната „Злетовица“. Следната година ќе продолжиме со изградба на нови патни правци, како и други инфраструктурни проекти, за кои обезбедивме финансиска поддршка од Владата. Секако, ќе бараме и други извори на средства како ИПА фондовите за меѓугранична соработка, донации од амбасади, Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, со цел пред граѓаните да го реализираме тоа што сме го ветиле – истакна Андоновски.
Оливер Арсовски

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.