gogo

Oki kom baner

A+ R A-


Лесново - Илјадагодишно светилиште во кратерот на некогашниот вулкан

altрепортажата е објавена во Нова Македонија http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=614161158536&;id=49&prilog=0&setIzdanie=23783
Лесново е сместено во средиштето на Лесновскиот кратер од вулкан што бил активен пред многу милиони години. Во Лесновскиот манастир некогаш имало и по 200 монаси, а и денес се негува монашкиот живот. Недоизвадени воденички камења, кои во минатото биле основен извор на егзистенција на населението, и денес се наѕираат од карпите во околината.Четворицата големи испосници Јован Рилски, Прохор Пчињски, Јоаким Осоговски и Гаврил Лесновски живееле во средината на 11 век целосно посветени на ширењето на христијанското учење. Долги години живееле заедно во една пештера во Лесновска Гора, која тогаш била густа шума, вели легендата, една од многуте што се прераскажуваат за Лесново. Според неа, еден ден во пештерата наишол овчар и ги затекнал во молитва, па во селото се расчуло за пустиножителите. Сакајќи да го продолжат испосничкиот живот во мир, четворицата светители направиле братски договор да продолжат секој сам и следното утро, како што ќе се будат, секој да тргне на различна страна. Прв се разбудил Јован Рилски, по него Прохор Пчињски, па Јоаким Осоговски. Првиот тргнал кон планината Рила, вториот кон планината Козјак, а третиот на Осоговски Планини, секој основајќи свое светилиште, добро познатите манастири што ги носат нивните имиња. Кога се разбудил светителот Гаврил и кога видел дека тројцата заминале, решил да остане во Лесновска Гора, а во близината го основал манастирот „Свети Гаврил Лесновски“.
- Според податоците, свети Гаврил Лесновски живеел во повеќе пештери во околината на Лесново - во Бело Место, на Илински Врв, Облово... Секогаш кога ќе му го откриеле живеалиштето, тој наоѓал ново прибежиште, за да го продолжи испосничкиот живот - вели Стојан Стефановски, хроничар на Лесново, додека се движиме кон познатиот манастир.
1000-ГОДИШНО ОПСТОЈУВАЊЕ
Од Пробиштип до Лесново, преку селата Добрево и Древено, има околу 13 километри. Патот е добар и води низ живописен и питом предел. Во овој крај низ вековите престојувале големи монашки братства и осамени испосници, создавајќи ја таканаречената „голема лесновска лавра“.
- Селото и манастирот „Свети Гаврил Лесновски“ се синоними на вековното македонско постоење. Лесново е едно од македонските села со најголем број верски објекти - дваесетина. Од некои се зачувани прикажувања, од други траги или сочувани спомени на црквички, испосници и скитови - пишува Стефановски во својата книга посветена на 1000-годишното опстојување на Лесново.
Според податоци од Житието на свети Гаврил Лесновски, селото датира од 11 век. Името го добило од старословенскиот збор лес, што значи шума.
- Во тоа време шумата била многу побујна во овој крај. И селото било поголемо. Од некогашните повеќе од 800 жители во 1900 година, сега има помалку од 50 лица, но живее благодарение на манастирот. Некои куќи се уредени за изнајмување соби, има етномеана, а туристи од земјава и од странство континуирано доаѓаат да го посетат. Во некои куќи, со претходна најава, може да се нарача традиционална храна - раскажува нашиот водач на ова патување.
Непосредно пред манастирот се издигнува мала борова шума. Ја засадил игуменот Герман Хилендарец уште во 1912 година. Недалеку работат мајстори. Секоја година нешто доправаат, ги уредуваат манастирот и околниот простор или ја унапредуваат инфраструктурата потребна за многубројните посетители.
Портата е широко отворена, а веднаш зад неа, отстрана се наредени десетици здолништа. Старото правило вели дека жените што ќе влезат во манастирот треба да носат здолниште. И ние го испочитувавме.
ЗЛАТО КОЛКУ ШТО ТЕЖИ ИКОНОСТАСОТ
Црковниот храм во манастирскиот комплекс е посветен на свети Архангел Михаил. Изградена е во 1341 година врз темели од постара црква, која постоела уште во 11 век, во времето на Гаврил Лесновски. Една од најголемите вредности е фрескоживописот, завршен неколку години по изградбата.
- Во 1962 година се направени позначајни конзерваторски активности и тогаш првпат се откриени имињата на тројца од четворицата зографи што ја живописале црквата - Севасто, Марко и Михаил. Се претпоставува дека и четвртиот го оставил својот потпис, но тој е целосно уништен - раскажува Стефановски.
Особена вредност има и иконостасот, изработен во ажурна резба, од 1811 година до 1814 година. Тој е дело на копаничарската тајфа на Петре Филиповски од селото Гари.
- Многумина нуделе да го откупат со злато тешко колку и самиот иконостас. Но некои работи немаат вредност - додава нашиот соговорник.

Низ вековите биле изградена и припратата на црквата, монашките ќелии и трпезаријата. Пространите двокатни конаци се изградени во 19 век, а обновени во 1980-тите. Во поново време, во 2000 година, на дел од конаците е изграден параклис посветен на свети Наум Охридски Чудотворец.
- Во 1991 година е направена последната пообемна конзервација на четирикатната кула на камбанаријата, со што е спречено евентуално уривање. Камбаната, пак, била излеана во леарницата во Крагуевац, Србија, во 1860 година и тежи околу 340 килограми - вели Стефановски и додава дека манастирот е заштитен како споменик на културата.
Лесново е масовно посетено на 28 јануари, Денот на свети Гаврил Лесновски. Народски празникот се вика Свети Отец. Ноќта спроти 21 септември и во претпладневните часови на тој ден, односно на празникот Мала Богородица, се случува вториот, уште помасовен, и црковен и народен собир.
- Просветителски активности во Лесново имало уште во 11 век, во времето на Лесновската книжевна школа. Интересно е што многу рано селото добило и училиште, во 1836 година - вели Стефановски.
ЛЕСНОВСКИОТ КРАТЕР ГО СПОРЕДУВААТ СО ЕТНА
Лесново е сместено на блага падина, на двете страни на Лесновска Река. Куќите имаат амфитеатрален распоред. Целосно се опколени со околните ридови, кои всушност се купи што ја сочинуваат рамката на Лесновскиот кратер. Меѓу нив доминира Илински Врв или Илин Крст, како што уште го викаат.
Пред повеќе милиони години сегашната питомина на овој крај била средиште на повеќе вулкани, кои исфрлале големо количество лава, пепел и друг еруптивен материјал. Лесновскиот кратер, на јужните падини на Осоговските Планини, всушност е дел од кратовско-злетовската вулканска област. Прогласен е за споменик на природата, бидејќи претставува геолошки раритет. Тој е меѓу најдобро зачуваните кратери на Балканот и бил истражуван уште од 19 век. Познатиот геолог Јован Цвијиќ го споредува со стариот кратер на вулканот Етна во Италија, а купите Волујак и Драч, со паразитските вулкани на Етна.
- Богатите рудни наоѓалишта на оловна и цинкова руда во рудникот „Злетово“ што се наоѓа кај пробиштипското село Добрево, „Саса“ кај Македонска Каменица и „Тораница“ кај Крива Паланка се резултат од некогашната вулканска активност - ни објаснува нашиот соговорник.
Целата лесновска палеовулканска структура има пречник од 4 километри и површина од 15 квадратни километри. Купата се издига над околниот терен 400-500 метри. Во активниот период, пред 20-30 милиони години, била поголема и повисока, но поради тектонските движења, теренот е изменет. При врвот, кратерот ја има сѐ уште карактеристичната кружна форма, иако е засечен од водотеци. Од источната страна, длабоко е пресечен од долината на Злетовска Река.
- На повеќето крајпатни засеци се забележува слоевитата структура на купите, образувана со лавата што се исфрлала од вулканот. Тоа укажува дека постоеле фази во исфрлањето лава, пепел и гасови - вели Стефановски.
Освен Илински Врв, рамката на кратерот ја сочинуваат повеќе помали купи - Мали Врв, Штрби Камен, Сморинец, Варадинова Чука, Игуменички рид... сите со слична старост како и главниот вулкан.
ВОДЕНИЧКИ КАМЕЊА ЅИРКААТ ОД КАРПИТЕ
Импресивен поглед на древната вулканска структура има од едно место покрај патот, непосредно пред Лесново, на кое е уреден и означен видиковец. Оттука од едната страна во далечината се извишува Илински Врв, а под него и целиот кратер пресечен со реката. Од другата страна се распослала широка панорама на Пробиштип, Злетово и на целиот крај.
- Навечер може да се видат и светлата од Штип - вели Стефановски.
Во карпите што креираат мошне интересна сценографија ни се открива необична глетка - се наѕираат недоизвадени воденички камења, нешто по што лесновци биле препознатливи.
- Во времето под турско ропство, околу пет и пол века, најголем дел од жителите на Лесново ја обезбедувале својата егзистенција со копање и продажба на воденички камења. Во одредени периоди во камените мајдани Коларско, Места и Градиште, годишно се произведувале и по 2.000 воденички камења. Според квалитетот на каменот и изработката, биле најбарани на јужниот дел на Балканот - раскажува лесновскиот хроничар.

Од 1890 до1895 г. наголемо се откупувале воденички камења од Лесново. Повредните и повештите мајстори можеле да направат воденички камен само за три дена. Цената на големиот камен била од 15 до 20 гроша, а на малиот од 10 до 15. Производството во помал обем продолжува и до Првата светска војна и меѓу двете светски војни, а по 1945 година речиси целосно згаснува, па се вадат камења главно по порачка или заради туристички потреби.
Малку подолу по патот од видиковецот кон Лесново, од десната страна кон долината на реката се спуштаат скали. Во близината на нивното подножје, во карпите, се наоѓа малата пештерска црква „Света Богородица“. За да се влезе во неа, треба малку повеќе да се наведнете. Веднаш спроти влезот стои слика од отецот Гаврил Светогорец епископ Велички, кој голем дел од својот монашки живот го поминал во Лесновскиот манастир, каде што и почива. Според раскажувањата, тој извесен период поминувал токму во оваа пештера, исто како и свети Гаврил Лесновски многу векови пред него. На земјата има расфрлани парички и дарови што луѓето ги оставаат за здравје. Под светлото од мобилните телефони се наѕира фрескоживопис на горната карпа.
Патеката пред црквичката продолжува и води преку мал дрвен мост. На оградите им е потребно обновување, но патчето е сосема проодно. По кратко пешачење пред нас се отвора една од лесновските воденичарски пештери. И тука се наѕираат остатоци од неископаните воденички камења, уште поимпресивни и помногубројни од претходните.
- Некогаш лесновскиот крај одекнувал од чеканите, длетата и клиновите со кои ги делкале камењата - ќе ви кажат тамошните жители.
Вакви пештери има педесетина. Воденички камења денес ретко кому му се потребни, но затоа глетката е уживање за љубопитните очи на туристите, сведоштво за дамнешни времиња.
На заминување се разминуваме со група посетители од Прилеп. Задоволните лица кажуваат сѐ.

Автор: Бисерка Велковска-Блажева   Фотографија: Маја Јаневска-Илиева

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

aberdzija logo 7

Screenshot 3

youtubeplayer-xlarge

sil

Sanceva

Busbunar

mod_vvisit_counterДенеска11093
mod_vvisit_counterВчера9277
mod_vvisit_counterОваа недела46205
mod_vvisit_counterМинатата недела62823
mod_vvisit_counterОвој месец170307
mod_vvisit_counterМинатиот месец141275
mod_vvisit_counterВкупно8022506
© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.