gogo

Oki kom baner

A+ R A-


Валавицата на Томе од Станци еден век вала јамболии

altПоследниот валавичар во кривопаланечко е 48-годишниот Томе Јакимовски од Станци, кој се уште на стариот традиционален начин ги вала рачно изработените јамболии на селските разбои. Овој занает одамна е на изумирање, а младиот Томе упорно ја продолжува семејната традиција подолга од еден век. Тој ја негува оваа мајсторија, а кај него, ткајачите од Крива Паланка, Ранковце и од Куманово им го даваат конечниот сјај на рачно изработените јамболии и на други ракотворби.

- Секоја јамболија, клашна (дел од селската волнена носија) и черга, по ткаењето треба да се вала во вода за да ги добие потребната густина и мекост - објаснува валавичарот Томе.

Овој занает го наследил од баба си Рајна и дедо си Благоја, кои биле познати валавичари, а Томе се сеќава како селаните постојано врвеле со натоварени коњи и магариња со кои ги носеле јамболиите, шарените черги и волнените клашни. Како дете бил одушевен од оваа работа, па кога имал осум години, на Станечка Река направил сопствена минијатурна валавица, која стоела се додека надојдената река не ја однесла. Традицијата, која во нивното семејство се пренесувала од генерација на генерација, пред повеќе години ја прекинал неговиот татко Владо, кој не бил заинтересиран за валавичарството. Но, пред 23 години, Томе го обновил семејниот занает, со кој најпрвин се занимавал од хоби, а откако останал без работа, валавичарството станало главен извор на егзистенција за неговото семејство. Во работата, за која вели дека е исклучително тешка.

- Јас имам влажна валавица, како што е позната во народот, а порано постоеле и суви валавици со трупци, кои се користеле само за валање черги и клашни. Јамболиите се валаат во студена вода, која од високо паѓа во вирот во кој се валаат. Користам исклучиво чиста планинска вода од Станечка Река зафатена преку вада долга 150 метри. Во почетокот водата се спушта низ дрвена букова коруба широка 30 сантиметри, која се стеснува пред самото корито на 8 сантиметри. Коритото во кое постојано протекува вода е изработено од буково и црешово дрво и е длабоко околу 2,5 метри. Јамболиите мора постојано да се вртат два дена, а истовремено може да се валаат четири јамболии. Потоа се сушат на дрвени огради и дури тогаш се готови за употреба - раскажува младиот валавичар.

Тој нагласува дека денес главно се валаат јамболии, а многу ретко волнени черги. Најмногу јамболии се носат од селата Герман, Отошница, Радибуш, Дренак, Метежево, Огут, Луѓе, Узем и од повеќе кумановски села во кои се уште се ткае. Томе постојано крстосува низ селата и со сопствен превоз ги зема, ги вала и повторно им ги враќа назад јамболиите на своите муштерии. Пред неколку години почнал и да ги пере старите јамболии така што тие повторно се завалуваат и го добиваат некогашниот сјај и стануваат како нови. И при валањето и при перењето користи само чиста вода, без детергенти.

Тој вели дека во неговата валавица се почесто доаѓале странци, но и домашни посетители, за кои овој занает претставува атракција. За неа биле заинтересирани и студентите по етнологија и од Архитектонскиот факултет. Валавицата на Томе се наоѓа и на еден од туристичките билборди во Крива Паланка и е дел од туристичката понуда на општината.

Пред петнаесет години, тој ја обновил и старата воденица во која меле жито. Се уште, вели, има луѓе кои повеќе сакаат житото да им се сомеле на стариот традиционален начин отколку во модерните мелници.

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

aberdzija logo 7

Screenshot 3

youtubeplayer-xlarge

sil

Sanceva

Busbunar

mod_vvisit_counterДенеска5573
mod_vvisit_counterВчера9418
mod_vvisit_counterОваа недела21515
mod_vvisit_counterМинатата недела62823
mod_vvisit_counterОвој месец145617
mod_vvisit_counterМинатиот месец141275
mod_vvisit_counterВкупно7997816
© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.