gogo

A+ R A-


Чудесна Василичарска приказна од опусот на Ласте Миневски

altПред многу години, сал еднаш во зимата бев на посета високо во планината, на посета кај дедо Китан, бев за новата година, за Василица. Како сум отишол јас самиот си знам, завејани патеките, сал по некој траг од животно, де овде, де онде го исекол патот. Младоста е неверојатна, многу неустрашива, многу моќна, по пет саати борба со навејаното го видов знакот на радоста, чадот од баџата Китанова. Куќарката неприметна, стреите скоро до земја, дебело натрупан сламениот покрив од на ребра слоеви снег. Јас многу радосен, дедо Китан по радосен, ме стегна чиниш рбетот ќе ми пукне од стисокот на се уште силното старче. Згоруваше вршникот, подницата или црепната стариот, одма до оганот во тепсија стасува тестото за новогодишната гозба - погача. Стариот со дрвце ја прободува од горе да не престаса, да не се излее од тепсијата. Оди, нагревај се во одајчето и дотури вода во котлето, заповедува старецот, во одајчето на грав со сува сланина мириса, тоа е дел од гозбата. Не ми кажа Китан дека и трет со нас ќе славел, се отвори, крцна вратничката, се преплашив, влезе чуден старец, по висок од Китана. Со долга сива некаде поцрвенета брада, со мустаќи на врвовите малку подвиткани на тенко нагоре, со долго лице, но краток дебел нос, со широки ноздри од кои висеа црни влакна и се мешаа со мустаците, на главата шубара од куни златки, сигурно биле три кожи бидејки три опашки на тилот висеа, дотеран во народна носија, ми заличи на дедо мраз со вреќата на грб, од која извади во кожата завиткан полупечен див зајак, алуминска чутура ракија и нешто овошје. Стариот се викал Викентие, другар на Китан одалечен на саат одење. Едвај најдоа старците место на ќумбето од тенекии правоаголно да сместат уште едно котле за да се довари зајакот див. Се измешаа мирисите, се згреја шливова со загорен карамел шекер, прославата, дочекот на новата година можеше да започне. Се мезевме на крупно исечена зелка од расолница од горе со буковец, и малку шарлаган. Гравот се запржува, беше сварен, лебот, погачата испечена надуена на едниот крај распукната, многу бев гладен, се навечерав, од зајакот кој се уште се вареше не пробав, многу ми се приспа. Немаше саат, но во дивината и не ти треба мерка на времето, работите си се редеа како природата ќе заповеда. Разговорот на старците повеќе ме успиваше, не знам во колку, но ме разбуди силно тропање за чудо и вик од старциве, се удираа со стаповите ко да се мечуваа, силно викаа СИРОВА, тропаа со клопотарци, дуваа во некои долги од бозел свирки. Се удираа де со едното де со другото рамо, ритуалот на борба ми заличи, и ако поспан до крај ги догледав обичаите. На крајот клекнаа, запалија кандилото и се помолија пред иконата. Пак заспав, до колку седеле и прославувале не знам, но пред мене беа станати. Ноќва паднал нов снег, та место два, во планината останав пет дена. Тоа беше моето најубаво зимовање. Иако повеќето време внатре бевме, но кажувањето на старците како, што било некогаш, легендите нивни, митовите, проклетствата, не може човек а да не ги слуша со најголемо внимание!!!

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.