gogo

A+ R A-


Горно Кратово - село на вулкански бомби

Е-пошта Печати PDF

Високо на Осоговските планини во Источна Македонија, на само пет километри од легендарното Кратово се наоѓа селото Горно Кратово. Некогаш полно со живот и луѓе, а денес е дом на едвај триесетина постари жители. Детскиот џагор и смеа одмана ги нема, а умираат и селските слави и свечености. Во селото нема ниту една продавница. Пусти и запуштени камени куќи кои се повеќе ги нагризува времето, додека селаните ги убиваат разни болести, најчесто чемер и тага. Вака српскиот портал „Вести онлајн“ ја започнува сторијата за ова македонско село кое е единственото место во светот каде што можата да се видат вулкански бомби со таа големина. altВо лето ова село кое и Бог и луѓето го имаат заборавено може да се најде некој патник намерник, додека во зима го посетуваат само гладните животни кои се симнуваат од планината. Горно Кратово полека, но сигурно би умирело во агониска анонимност да не беше ретката природната појава која и научниците сметаат дека е интересна, а во последно време така сметаат и туристите. Во негова близина се наоѓаат вулканските бомби со пречник од некои 80 cm, со маса од повеќе од 200 kg. направени од пред неколку милиони години.  Слични, но доста помали вулкански бомби денес може да се најдат на некои места во Италија и Бразил.

Според мислењето на познатиот српски истражувач, Душан Миловановиќ, вулканските бомби во Горно Кратово се направени од пред 20-30 милиони години, за време кога еруптивна магма од тогаш најголемиот вулкан на Балканот избила на површината во близина на Кратово. Паѓајќи на земјата, од зажарената лава со температура која достигнала до 1000 степени се формирале совршени топки, во науката познати како лапили.

Тие можат да достигна и големина колку една јаболка, но и многу поголеми, какви што се и оние во кратовскиот регион. Жителите на ова село некогаш ги користеле овие вулкански бомби како градежен материјал за своите камени куќи, додека денес најчесто служат за украс. Собирачот на народни умотворби, Илија Китановски, овие вулкански бомби ги искористил како декоративен елемент за својот двор во неговата семејна куќа во Кратово.

Освен домашните и во последно време, странските бројни научници и истражувачи, за оваа природна атракција се интересираат и се поголем број на туристи. Меѓутоа, главен проблем на селото е неговата непристапност односно неговиот неизграден пат. До вулканските бомби на Горно Кратово, одалечено само 5 километри од крадот Кратово може да се стигне само со пешачење.

- Селото е прекрасно. Во него има доста природни реткости, какви што се вулканските бомби, но тоа е опустошено затоа што нема пат. Повеќе од 20 години од општина Кратово бараме да се реши овој проблем, но никој до сега ни со прст нема мрднато. Дрва и друг товар како намирници и се што ни треба сеуште ги носиме на магариња. Друг начин да се набават овие работи нема, вели 54 годишниот Митко Цветановски од Горно Кратово.

Во Горно Кратово сеуште се ора на прастар начин, со рало, затоа што трактор не може да стигне до селото. Главно превозно средство се магарињата, а може да се види и по некоја коза или овца.

- Денес овде живеат некои 30. луѓе, повеќето старци, додека порано имало и над 300 жители. Нашата фамилија некогаш чувала 150 овци и 15 говеда. Сега селото е пусто, нема пат и луѓето ретко доаѓаат, вели 65. годишниот Станојко Симоновски кој од Кратово понекогаш доаѓа во родното село.

На патчињата кои водат до Горно Кратово може да се наиде на бројни планински поточиња и на живописните пејсажи на Осоговските планини. Шумливи и пенести водопади долж текот на Тебачка река, со бројни притоки и планински извори кои дирекно паѓаат на карпите и клисурите со право го носат епитетот, Божјо место, како што од поодамна го имаат наречено и германските рудари од Шлезија кои во околината на Кратово истражувале и ваделе руда.

Селото Горно Кратово било познато по квалитетното ореово дрво. За време на поранешна Југославија, ореовото дрво било масовно носено за Крагуевац каде што се користело за потребите на воената индустрија. Орев и денес има на претек, но нема заинтересирани. Да има и заинтереисрани, нема начин како да се одведат дрвата од селото. Жителите на Горно Кратово спас гледаат во вулканските бомби и туристичката афирмација на селото. Тогаш  веројатно би се вратиле и некогашните жители, па дури и би се добиле и нови.

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.