gogo

A+ R A-


IN MEMORIAM

Е-пошта Печати PDF

Почина кратовскиот академик Георги Ефремов

На 78-годишна возраст попладнево во Скопје почина академик Георги Ефремов, еден од најпознатите македонски научници.

Академик Ефремов е роден во Кратово на 8 декември 1932 година. Во 1956 година дипломирал на Ветеринарниот факултет во Загреб, потоа е избран за асистент по споредбена анатомија со физиологија на домашни животни на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје. Во 1963 година докторирал на Ветеринарниот факултет во Белград. Постдокторските студии ги остварува на Клиниката за интерна медицина при Ветеринарниот факултет во Осло, Норвешка (1963-1965) и на Институтот за биохемија при Медицинскиот факултет во Агаста, Џорџија, САД (1968-1970).

Во 1967 година е избран за доцент по биохемија на Земјоделскиот факултет во Скопје, во 1973 година за вонреден професор и во 1980 година за редовен професор. Во 1995 година е избран и за редовен професор по физиологија на Земјоделскиот факултет во Скопје. Од 1978 до 1979 година е редовен професор по биохемија на Медицинскиот факултет во Аугуста, Џорџија, САД и помошник директор на Центарот за анемија на српестите клетки. Од 1965 до 1980 година е научен консултант при Клиниката за детски болести на Медицинскиот факултет во Скопје.

За дописен член на МАНУ е избран во 1979, а за редовен член во 1983 година. Од 1987 е раководител на Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија при МАНУ. Основач е и раководител на Националната, а потоа на Меѓународната референтна лабораторија за хемоглобинопатии.

Бил министер за наука во првата Влада на Македонија, претседател на МАНУ и амбасадор на Македонија во НР Кина.

Ефремов потоа бил редовен професор на Интердисциплинарните постдипломски студии по молекуларна биологија и генетско инженерство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Бил визитинг професор на повеќе универзитети во САД, Куба, Либија и во Кувајт. Држел настава на постдипломски студии по молекуларна биологија и хематологија на универзитетите во Скопје, Белград, Нови Сад и во Загреб. Во неговата лабораторија престојувале на студиски престој, специјализација, усовршување или изработка на магистерски и докторски трудови повеке од 70 стручни и научни работници од Македонија и странство.

Раководел со 30-тина научноистражувачки проекти, финансирани главно од странски владини институции. По покана одржал бројни воведни предавања на меѓународни и национални собири. Организирал 10-тина меѓународни научни собири.

Ефремов е автор на повеќе од 500 научни трудови, од кои повеќе од 280 се објавени во меѓународни научни списанија и е најмногу цитиран научник од Република Македонија.

Академик Ефремов беше член на Њујоршката академија на науките, на Бугарската академија за медицински науки, на Европската академија за науките и уметностите, на Светската академија на науките и уметностите, на Медитеранската академија на науките и уметностите, на Американското друштво за унапредување на науките, на Федерацијата на Европските биохемиски друштва, на Меѓународното друштво за хематологија, на Американското друштво за хематологија, на Меѓународното друштво за судска медицина, на Американското друштво за клиничка биохемија и член на МЛД.

Ефремов го уредуваше и меѓународното списание "Balkan Journal of Medical Genetics".

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.