gogo

A+ R A-


Интервју со Трифче Сандев, најдобриот млад научник во Македонија

Е-пошта Печати PDF

alt

Петка е среќниот број за младиот кратовчанец, Трифче Сандев, кој годинава ја доби наградата „Најмлад научник на годината“ за 2011 година, која по втор пат ја доделува претседателот на државата, Ѓорге Иванов. Главниот адут со кој тој се пријавил се пет објавени трудови во меѓународни научни списанија. Тие му ја донесоа наградата, која е последна во низата домашни и меѓународни признанија кои го збогатиле неговото научно досие.

„Оваа награда е за објавување научни трудови во текот на 2011 година за физика, математика и применета математика во меѓународни списанија со фактор на влијание. Досега имам објавено дваесетина трудови, а само во 2011 се пет труда, исто колку што објавив претходната година“ вели Сандев, кој со објавување трудови почнал уште во 2006 година. Процесот на приготвување, рецензирање и објавување на трудот, според него, може да трае и година-две. Ако трудовите не содржат ништо ново во областа, тогаш воопшто не се прифаќаат за објавување.

„Критериумите се многу строги и не може било што да помине во такви списанија. Во трудот секогаш се повикуваш на поранешни трудови, но мора да имаш и нешто ново, оригинално, за трудот да биде прифатен“, вели тој.

Сандев инаку, има само 29 години, а веќе стигнал до докторат. Во неговата биографија пишува дека завршил Природно-математички факултет на Институтот по физика-применета насока, каде се стекнал со звање дипломиран инженер по физика. Бил прогласен за најдобар студент на генерацијата на Институтот по физика со просечна оценка 10. Веднаш потоа се запишува на постдипломски студии на истиот Институт каде ја одбранил магистерката теза, за да продолжи со докторските студии.

Овој успех и патот до наградата за него не се случајни и се резултат на знаењето кое го добил од наставниците во Кратово, кои му ја пренеле и љубовта кон математиката и физиката. Уште од ученичките денови учествувал на многу натпревари, меѓу кои регионални, републички олимпијади по математика и физика, каде освоил триесетина награди и два брознени медали.

„Уште од мал сакав математика. Со татко ми многу работев на задачи. Веројатно тој ми ја пренел љубовта кон природните науки, иако тој нема врска со математика и физика. Заедно со мене се интересираше за некои логички проблеми и мене ме учеше. Постојано ги читав стручните списанија Нумерус, Импулс, Сигма..Додека бев помал во тоа време повеќе се користеа книги, отколку интернет, па затоа користев збирки и домашни и странски“, вели Сандев.

Од наставниците кои се заслужни за неговиот успех ја издвојува професорката Нада Коњановска, со која, заедно со другите ученици во кратовската гимназија вежбале физика и постигнале завидни резултати.

Сандев е горд што постигнал голем успех посебно што доаѓа од мало место како Кратово во еден голем град како Скопје, каде успева да најде „свое место под сонцето“. Во 2006 година се пријавува на конкурс од Владата за вработување на стоте најдобри студенти во државата и го избираат. Оттогаш е вработен прво во Секретаријатот, а потоа и во Дирекцијата за радијациска сигурност каде работи како помлад соработник во Одделението за дозволи, лиценци, мониторинг и вонредни настани. Поточно, работи на издавање дозволи, вршење инспекција на сите оние институции кои користат извори на јонизирачко зрачење, рентген апарати, компјутерски мамографи, томографи..Но, иако вели дека е ценет во професијата и во фелата, сепак, себеси се гледа во научно-истражувачка институција.

„Едно е човек да биде ценет, друго е да биде на позиција. Јас во Дирекцијата сум ценет, но сум на работно место помлад соработник, што да речеме, можеби да е во друга држава, сигурно најмладиот научник не би бил на најниската функција во администрацијата“, коментира овој млади научник.

На помладите им препорачува да инвестираат во себе и знаењето и да не се штедат бидејќи, како што вели, се' што се учи, „утре“ може да им треба.

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.