
- Сабајлето тргнав накај Скопје, возев по автопат и на Страцин најпрво ми излезе куче сред пат, но го избегнав за да не го удрам, но само што се спуштив по надолницата го оставив автомобилот во лер и како што продолжив да се лизгам, автомобилот почна одеднаш да се врти, за на крајот да удрам во банкината, а потоа како што урив, автомобилот беше буквално дигнат во вис и беше отфрлен во провалијата, ја започнува својата приказна С.В. за Точка.
- Како што паѓав, се превртував сигурно некаде 10 пати, додека постојано се молев автомобилот да застане, зошто во себе си си реков, готово е, јас тука ќе умрам, тука ми е крајот, но како што застана после толку превртувања, автомобилот остана превртен на покривот. Веднаш го извадив ременот и паднав, а веднаш потоа и сфатив дека не можам да излезам бидејќи вратите беа заглавени. Автомобилот набрзо започна да чади, па токму затоа собрав сила и го скршив прозорецот до мене со нога, излегов од автомобилот, си го земав само мобилниот којшто го најдов паднат надвор и веднаш започнав да се качувам кон автопатот. Првиот автомобил којшто се појави го сопрев, човекот беше од Пробиштип и тој веднаш ги зема моите лични предмети од превртениот автомобил, повика полиција и итна медицинска помош, а кога дојде полицијата едноставно не можеше да поверува дека сум излегла жива и здрава од ваква сообраќајна незгода, вели С.В.
- Среќа во несреќа е што јас сум добра, но автомобилот повеќе не може да се поправи. Всушност, најголема среќа е што и покрај таквиот терен, автомобилот застанал таму, а јас сум жива и здрава. Едноставно, Господ ме чувал, додава таа.
- Човекот којшто го застанав ми помогна за сè, бидејќи јас сè уште бев во огромен шок. Откако дојде брзата помош и откако бев во болница, се вратив да го видам автомобилот и да ги земам преостанатите лични предмети. На крајот, и конечно се вратив во Скопје, но без својот автомобил, но повторно ќе кажам, жива и здрава...
- А што се однесува до чувството додека се доживува нешто вакво... Чувството коешто човек го има додека неговиот автомобил се превртува во правија е страшно... Очекуваш дека можеш да умреш буквално во секој момент и дека автомобилот ќе те смачка. Во мојот случај, автомобилот се преврте најмалку 10 пати. Сега сум сè уште во шок и сè уште не знам што се случило, но сум среќна што сум останала жива и здрава, бидејќи ваквите сообраќајни незгоди најчесто се и фатални...



















