gogo

A+ R A-


Ќе има и „кратовска куќа“ во македонското виртуелно село

Е-пошта Печати PDF

Во прегратките на Водно, во близина на манастирот „Св. Пантелејмон“ во село Горно Нерези, интензивно се гради етно-комплексот куќи од различни македонски краишта. На едно место никнуваат градби специфични за селата од Кратовско, Делчевско, Беровско, Кумановско, Битолско, Прилепско, Скопско, Велешко... Проектот именуван како „Македонско виртуелно село“ замислен како музеј под отворено небо и туристичка атракција со историски и културолошки национални белези, од 2007 година помина низ долга постапка за заокружување на парцелата на делот на МПЦ. Лани летото конечно беше поставен камен-темелникот и стартуваа градежните активности.

alt

Над селото Горно Нерези, на површина од околу 15.000 м2, со полна пареа се развива ново село, со дваесетина објекти. Чистиот воздух и пролетната идила ги тера домашните посетители да се присетат дека на истото место своевремено се палеа првомајски огнови, се ширеше мирис на скара и се слушаше пријателски џагор.

Во етно-селото повеќето објекти ги имаат добиено препознатливите основни градежни линии. Се „перчат“ чардаци, а веќе се поставуваат и ќерамидите и почнуваат да се прават фасадите. На долниот дел од градбите ќе биде обезбеден простор за претставување на локалните занаети, како обележје на регионот што го претставуваат. Така, низ уличната калдрма посетителите ќе можат се запознаат со машини за нижење тутун, ковачница, ткајачница, грнчарница, изработка на филиграни, винска визба, дуќани за бочви...

На приземјето ќе има карактеристични работилници за стари занаети, додека вторите катови се предвидени како преноќувалишта. Се работи за модерна контрукција со традиционален изглед, со соодветна термичка изолација и ѕидови полни со земја. На поголемиот дел од куќите останува да се постави уште гипс-картон и да се глетува.

alt

Сите објекти ќе имаат приземје и апартмански дел на првиот кат, а единствено галичката, струшката и римејкот на куќата од селото Река ќе бидат на три ката.

„Македонското село“ ќе биде оградено со ѕид од камења. На влезот има пријавница, а во комплексот ќе има дел за продавница, како и „стопански дел“ со воденица, штала, валавница и трло. На ’средсело‘ ќе тече чешма. Централниот извор на вода е замислен како поток со каскади кој ќе се прелева во удолниот дел на селото.

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.