gogo

A+ R A-


КОЛУМНА на Ива Зарева! - „Тато беше во право“!!!

Е-пошта Печати PDF

Париската Шанзелизе е едно парче во сложувалката на историското раздобје кое, преку оживотворената Наполеонова капија, ги разбранува морбидните сеќавања на безнадежните зеници лоцирани на пресушените скелети кои немилосрдно екот на светските војни ги разниша во етерот всадувајќи немир. Западниот крај на улицата ја краси уште една триумфална капија симболизирајќи го новоизгреаното сонце над модерна Франција, означувајќи ги различностите како единствен јазол за меѓукуултурно поле во светот, а не воен причинител. Ме бие несигурност за тоа колку валутата наречена слобода ќе ја толуваат луѓето кои историјата ја декларираат како приспивен час. Кохезијата помеѓу мене и восочните миризливи историски корици би била разурната доколку истите не ми всадеа ум дека да не беа изрежаните херојски имиња немаше овој текст да го пишувам на мојот мајчин јазик додека седам во простории што личат на сè- освен на училиште и од чиј очи ме стрелаат наметнати авторитети дојдени за цели кои се стремат да вградат туѓи национални интереси. Слобода означува врвен идеал над планетарното подножје, а тоа значи безгрижно враќање од ноќните забави чекорејќи боса со накитените високи потпетици во моите раце и што е најважно – будејќи се благодарно во новиот ден без мечти дали куршум ќе ја затвори мојата животна етапа.

„Биди камелеон“ – ќе рече татко ми. Мотото кое е едно од главните виновници за пламената желба да се предизвикувам на нови средини со непознати луѓе кои не поседуваат никаква религиозна, етничка или расна припадност еднаква на мојата. Тоа е совршенството кое се крие зад сите мултиетнички, млади размени каде уште повеќе ја осознавам вредноста на припадност на оваа планета правејќи пријателски врски еднакви на братска и сестринска љубов распространети низ целиот свет. Знаејќи во какво апатично општество живеам, воопшто не ми е непријатно со мојата пилиштарска возраст да се обратам на родителите кои уште на рани години ги бомбардираат своите деца дека сè што е надвор од формалноста е непотребно и безвредно. Е, затоа имаме една стереотипична тензија што преовладува во воздухот која е во паралелна врска со предрасудите. Сè додека ги третирате децата како роботи на формалниот систем никогаш нема да станат дел од синџирот на мултикултурното поле кое со себе ги носи одговорите на сите дотогаш, незапрашани дилеми од секојдневието. Ова го кажувам, бидејќи училиштето нема да ве научи дека ,,двка” значи гума за џвакање на бугарски, нема да ве однесе во пицерија каде ќе откриете дека италијанската наполитана се прави и со остатоци од риба, нема да ви го прикаже германскиот начин на празнување Велигден и причината зошто баш од таму водечка улога имаат чоколадните, а не обичните јајца, нема да ви предизвика одјавување од реалноста додека тонете во најпрефинетата грчка баклава и нема да ве пушти во сферата на соочување со сеприсутните јазични бариери. ,,Парите се потреба за опстанок, но не и приоритет за живеење.” – тврди татко ми. И да, не би била богат човек доколку не ја празнев првобитната бела боја на патиките додека душата ми се полнеше пешачејќи во стилизиран ритам, вдишувајќи ги тазе извадените пекарски кифли во динамичниот Загреб. Немаше да ја утврдам убавината на македонската гастрономија до моментот кога го видов сјајот во очите на Казакстантката после подарениот ајвар. Сè уште имам добра циркулација и после арапската тетоважа на мојата лева рака, уште дишам додека го носам дуксерот со развеаното хрватско знаме – сеќавајќи се на тие разиграни, јадреноморски очи и, и покрај постоечката разочараност од машкиот пол, ми се врати искра исполнување кога српскиот јунак ја коцкаше својата глава на ледениот, берлински ветер за да имам закрила топлина од волнената капа на моите уши.

Хах! Дали јас навистина го пишав зборот разочараност!? Ако ова е најранливиот период од мојот пубертет, тогаш јас сум сирена загушена во море од паломи на најнеочекуваните, горчливи солзи. Зашто да, љубовта е единствената восхитувачка измама која секој од нас ја прифаќа доброволно. Срцето е една сапуница од најненормални, хаотични меурчиња кои го затвораат секој ек на мозокот уште пред истиот да ја отвори својата уста. Истите тие кои ги заматуваат очите, правејќи пирамида чиј врв ќе ја краси само неговата круна. Посакувајќи да е само сон, макотрпно се борам со алармот чиј стрелки означуваат крај на убавата бајка за која вечноста беше восхитувачка лага. Вкусувајќи ги солзите, во дупка на неизвесноста, се прашувам дали посипувањето на најчистата детска љубов беше премногу платонска симбиоза за да еден машки организам ја апсорбира истата. ,,Не летај” – ќе кажеше тато. Тврдоглаво следејќи го срцето - летав, лојално летав со сите спектари што ги носи љубовта. За да сега насекаде ја барам сопствената личност која се борела за вратите кои можеби секогаш биле лажно отворени. Пронајди се себе си, но каде? Во собата каде и тие бедни ѕидови се неговите омилени бои? Пешачејќи каде секој ќош од улицата означува бледи спомени од испраќањата? Но, притивнува сè кога доаѓа есента. Тогаш реките ќе најдат љубов што смирува кога ќе се спојат со своите мориња. Последната етапа од пубертетот нè насочува да ја зграпчиме и конечно да ја вреднуваме поисчеличената валута на верзијата од себе, а кога поразително ќе се соочиме со сè она што значело добронамерно предупредување ќе заврши истиот со зборовите : „Тато беше во право“.

Автор - Ива Зарева (колумната е пишувана за време на часот по ПЕДАГОГИЈА)

alt

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.