пишува - Оливер Арсовски
Нашиот сограѓанин Даниел Дончевски го фати крстот во реката Вардар, на централната манифестација која ја организираше МПЦ-ОА по повод празникот Водици - Богојавление. Во рацете на Дончевски, кој живее во с.Трновац, а моментално работи во Скопје, светиот крст е по втор пат. По него скока петти пат, а за прв пат крстот го фатил во 2007-та година во Кратово. Среќниот Даниел од градоначалникот на општина Центар доби икона, од Град Скопје златник, премиерот Груевски му подари лап-топ компјутер, а Сашко Станинов ЛЦД телевизор.
Точно на пладне во светите води на Вардар, по крстот што го фрли поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан, скокнаа 127 верници, меѓу кои и една девојка. Најстариот капач кој се фрли во Вардар во крстот е 70 годишниот Ѓорги, додека најмладиот капач е скопјанецот Антонио кој за прв пат се обиде да го фати крстот.
На положувањето на светиот крст во Скопје присуствуваа премиерот Никола Груевски, градоначалникот на општина Центар Владимир Тодоровиќ и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.