
Во што се состои Вашата активност во Клубот на деца болни од леукемија од Македонија, во Нинберг, Германија, во вашиот втор дом?
Мојот македонски патриотизам во Нинберг, Германија, во кој живеам и работам од 1972 година, не се состои само со пропаганда и запознавање со мојата мила татковина Македонија, со родното Кратово, на моите пријатели, колеги , соседи во овој град. Туку со конкретни активности им нудам помош на беспомошните во татковината и на Македонците кои за мака и лекарска помош доаѓаат во Нинберг. Како активен член на Клубот на деца болни од леукемија од Македонија, во Нинберг, во болницата, која се вбројува меѓу најпознатите во светот, ги прифаќам родителите и болното дете од леукемија, од оваа подмолна и опасна болест, им помагам при сместување, им наоѓам стан поевтин и во близина на болницата, се ангажирам преку моите пријатели побрзо да бидат прифатени и лекувани, ја извршувам улогата на преведувач и им помагам престојот да им биде полесен. Во ова активност многу е ангажиран д-р Герхарт Крига, на која мајка и' е Македонка, а татко и' Германец, кој е претседател на Клубот и почесен конзул на Македонија во Нинберг. Мошне активна е и доктор Књегина Соколовска, од Скопје, која е радиолог во болницата. Исто така, на младите лекари – специјализанти од Македонија им помагам побрзо и поквалитетно да се вклопат во секојдневието во Нинберг. Не жалам ниту време, труд и материјални средства да им помогнам на беспомошните дечиња, на очајните родители.
Активни сте во македонскиот клуб и во црковната општина?
Да. Своите желби, афинитети и потреби ги реализирам во македонскиот клуб „Македонија“ и во МПЦО „Св. Атанасиј“. Наше свртувалиште е македонскиот клуб каде петстотините Македонци кои живееме во Нинберг се среќаваме, се дружиме и ги негуваме нашите фолклорни традиции, обичаи и сл. Играорната група е мошне активна. Во подготовките на ората имаме професионален кореограф и настапуваме на многу свечености, турнеи и на тој начин го афирмираме нашиот фолклор, песни, носии, традиции. Минатата година локалната банка одбележуваше јубилеј, бевме поканети да настапиме со неколку ора. Гостите беа презадоволни од нашиот настап и Банката ни донира 1.500 евра. Значајно беше тоа што ни се даде можност да го презентираме нашиот фолклор. За поголемите верски празници во изнајмена црква, македонски свештеник кој доаѓа од Минхен, одржува света литургија која е масовно посетена.
Кој беше поводот да го напуштите родното Кратово и да се населитево Нинберг?
Сиромаштијата ме принуди да го напуштам родното Кратово и како 19 годишна девојка, заминав во непознат крај, во Германија, по корка леб. Патот ме донесе во Нинберг. Седумнаесет години работев во метална фирма, неколку години во Грундиг, а последните18 години како продавачка во „Метро“. Четириест и три години сум во Нинберг. И покрај тоа што сопругот ми почина во екот кога ги образував синот и ќерката, со работа и со труд, успеав да ги образувам децата и да го прошетам речиси целиот свет. Како пензионерка имам слободно време кое го користам за активностите во МК „Македонија“, во Клубот за болните деца од леукемија и за посета на блиските роднини во Македонија, особено во родното Кратово каде изградив и сопствена куќа.
Дали планирате да се вратите и да живеете во Кратово?
Никогаш не сум се откажала од родното Кратово, од Македонија, телото ми било во Германија, а срцето и душата во Македонија. Синот Флоријан е дипломиран информатичар работи на многу проекти низ Германија, а ќерката Лидија е менаџер во осигурителната компанија „Алијанс“ во Хамбург. Засега децата одлично се вклопени во германското општество, добро заработуваат и не размислуваат да ја напуштат. Јас ќе продолжам да живеам во Нинберг, Хамбураг, Кратово. Голема желба имам да си дојдам дома меѓу своите. И покрај добриот живот, во туѓина секогаш си туѓинец. Каменот тежи на местото.
извор - Утрински весник
http://www.utrinski.mk/default.asp?ItemID=188D47A406A16E45BC17C9E93E7261BB



















