Грант од 10.500 долари за РРОМА за борба против СИДА
MTV – Staying Alive Foundation од Лондон, објави дека РРОМА (Регионална Ромска Образовна Младинска Асоцијација) од Кратово ќе добие грант со износ од 10.500 $ за имплементирање на проект за подигање на свеста кај младите од опаснотите на ХИВ/СИДА и СПИ (сексуално-преносливи инфекции).
Во овој проект на РРОМА, младите Роми од Кратово, Пробиштип, Кочани, Велес и Берово ќе бидат предводници на една битка против стереотипите кон ХИВ-вирусот и Сидата. Борејќи се против таквите стереотипи, тие истовремено се обидуваат да ги скршат стереотипите што ги има општеството кон нивната заедница и заеднички со своите врсници да ја надминат стигмата.
„Тие сакаат да му покажат на општеството дека не се пасивни и дека заеднички ја делат грижата со останатите млади за пороциите на овој век. Од тука и насловот на проектот „Сидата не знае да дискриминира. Заштити се!“ е ставот на РРОМА.
Почнувајќи од 1-ви Декември РРОМА ќе почне да имплементира кампања со наслов „Сидата не знае да дискриминира. Заштити се!“ за подигање на свеста кај младите, но и постарите припадници на Ромската заедница, како и останатите етникуми во горе-наведените општини од опасностите на оваа модерна болест. Кампањата ќе користи алатки како Facebook, Twitter, Youtube , на кои што ќе бидат објавувани податоците, како и креативните видеа на младите во врска со овој проект.
Проектот започна со анкетирање на населението од Кратово, Пробиштип, Кочани, Виница, Велес и Берово за утврдување на фактичката состојба на теренот, т.е. колку луѓето се информирани за ХИВ/СИДА и СПИ.
Кампањата ќе продолжи со работилници за подигање на свеста кај младите, каде што младите на еден креативен начин низ глума и игра ќе се обидат да допрат до своите врсници. Пред секоја работилница, младите ќе имаат понекоја креативна акција (јавен настан) во горе-наведените општини.
Освен работилниците и креатнивните акции, РРОМА ќе објави конкурс за најдобар цртеж на тема „Сидата не знае да дискриминира. Заштити се!“, како и работилница за цртање на стрипови на веќе горе-наведената тема. Проектот ќе заврши со мулти-етнички хепенинг на пролет во Кратово.
Датумите за одржување на работилниците се:
• Кратово – 22.12.2010 година
• Пробиштип – 22.01.2011 година
• Кочани – 23.02.2011 година
• Виница – 18.03.2011 година
• Берово – 15.04.2011 година
• Велес – 29.04.2011 година