пишува - Оливер Арсовски
Легендата за царот и службениците - ќати ни ја раскажа господинот Стевче Доневски, а истата ја слушнал од кратовскиот кондураџија Киро Калуѓерот, во месец мај1994, а овој пак ја чул како чирак од неговиот мајстор фурнаџија Максим.
За време турско, седиште на царевите бил градот Цариград. Дошло време да се бира цар и народот избрал цар, кој по старите обичаи требало да ја посети целата царштина. Царот одговорил, „ја не сам с’лнце сегде да огреју“, ќе изберам тројца службеници – ќати, да прошетат, видат и запишат што виделе.
Царот го замолил прво најстариот ќата да појде по царштината, но ќатата рекол, „ја царе ако отиду да шетам, овде нема да се знае кој улага, кој искача“
Царот го понудил вториот ќата да шета по царштината, но ќатата одговорил: „царе, ја ако отиду, за месец дена ти нема да бидеш цар, све ќе се изеде и испие овде што има“.
Царот одлучил да го праша третиот ќата, кој ја прифатил понудата да биде патописец.
Стигнал и во Македонија, прво во Велес, каде радосните луѓе го пречекале со мед со с’т, па го испратиле за Штип. Таму видел многу трговци и решил да влезе на панаѓурот, ама забележал луѓе како продаваат билети. Го пречекале со сусамки со мед и му рекле „сега ти се благи, ама кога ќе треба да платиш на излегување од панаѓурот ќе ти се учинат катран“.
Тргнал ќатата кон Злетово и видел како на еден селанец му се заглавила запрежната кола во калта на реката. Видел на мостот 15-16 души како го гледаат како се мачи и го прашал селанецот зошто не му помагаат. Овој му одговорил дека тука живеат сеирџии и од нив помош не очекувај.
Тргнал накај Кратово и кога влегол во градот, одлучил да праша тројца кратовци како се живее во градот. Првиот му одговорил дека имаат бавчи, лозја, пчели и од тоа некако врзувале крај со крај. Во тој момент покрај нив поминал некој кратовец кој не ги поздравил, туку напреку ги погледнал. Го прашал ќатата и него со што се занимаваат кратовци во слободно време, а овој му одговорил дека ние кратовци цело време броемо туѓи пари и се радуемо ако на некој занаетчија не му појде работата.
Се зачудил ќатата на табиетот на кратовци, па решил третиот кратовец што го сретнал да го праша од што болест боледуваат. Овој му одговорил дека „ние кратовци не болуемо од болест, ние болуемо од завист“.