Куклица доби асфалт, остана без мост
пишува - Оливер Арсовски
Минатонеделните поплави кои го зафатија Кратовско-кумановскиот крај, целосно го отсекоа од цивилизацијата локалитетот Камени кукли во близина на кратовското село Куклица. Надојдените води на Крива река ги поткопаа темелите на мостот и предизвикаа уривање на металната конструкција во коритото на реката.
- Веќе неколку дена сме целосно отсечени од светот бидејќи мостот е небезбеден за движење. Помладите некако успеваат да го минат мостот, ризикувајќи го животот, додека постарите жители на Куклица живеат како на изолиран остров. Апелираме властите веднаш да го санираат мостот и да ни овозможат нормална комуникација со останатиот свет. Штети трпи и туризмот во Општината, само за време на продолжениот викенд стотина автомобили и комбиња со туристи се вратија назад, разочарани што минале толкав пат без да го посетат локалитетот. Интересно е што пред еден месец државата го асфалтираше патот до локалитетот, но еве сега мостот се урна и пак е недостапен за туристи - велат мештаните кои ги сретнавме во близина на мостот.
Овој локалитет познат и под името "Весела свадба" годишно го посетуваат 4 до 5 илјади туристи.