Министерката Канческа и Паско Кузман воодушевени од убавините на Кратово
пишува - Оливер Арсовски
Среда, 22 јуни, пладне... Навидум вообичаен ден... Младите кратовчани наседнати под чадорите на кафулињата, меркаат девојчиња, отспротива пензионерите наседнати на реновираните клупи трошат муабети за нивната младост и жалат што времето не може да се врати назад... Мирната и тивка идила ја нарушува автомобил со затемнети стакла, кој запира пред влезната врата на локалната самоуправа... Таму веќе градските челници се во строј, спремни за пречек на некоја видна личност... Возбудата расте, вратата се отвара, а кратовската коцка се стресе под високите потпетици на шармантната министерка за култура Елизабета Канческа - Милеска.
Приказната продолжува во кабинетот на градоначалникот Мите Андоновски, каде гостите, а меѓу нив и харизматичниот директор на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, се разладуваат со неизбежната „Добра“ или „Ладна“ вода. Иако климатизираниот кабинет изгледа привлечно на +30 степени, сепак гостите се нестрпливи да го разгледаат градот.
Куса прошетка на градскиот плоштад, малку низ Ајдучката чаршија и патот гостите ги однесе во најубавата куќа во градот во која се сместени Музејот и Домот на култура. Министерката е воодушевена од уметничките дела изложени во холот, а остана без зборови кога градоначалникот и подари прекрасна слика со мотиви од Кратово. Но, ете ти проблем... нема слика за Паско... домаќините веднаш се извадија за пропустот, затоа што Паско Кузман не беше најавен при посетата на делегацијата... Свитата се сели кат погоре во просториите на музејот, каде сите се пријатно изненадени од фактот дека во витрините нема игла каде да фрлиш... директорот Драган Георгиевски се пожали, а всушност пофали дека уште еден куп музејски експонати стојат во депо, затоа што нема простор каде да бидат изложени... Патем, експресно беше донесена уметничка слика и за Паско, да не се почувствува запоставен...
Иако намерата на домаќините беше гостите да заминат во блиската Симиќева кула, сепак министерката Канческа побара да се симне по стрмните степеници под Грофчански мост, сакајќи да го види влезот на еден од атрактивните подземни ходници... Трагачот по возбуди и голем авантурист Паско, живо заинтересиран за обнова на дел од подземните ходници, најави дека во иднина тие би можеле да станат огромна туристичка атракција...Прошетката продолжува по кејот на Кратовска река... гостите се воодушевени од убавината на мостовите, даваат предлози како да заживее кејот во иднина за да стане посетено шеталиште и пријатно катче за уживање.
На ред е скоро обновената и ревитализирана Симиќева кула... кула убавица, гордост на градот... министерката Канческа едвај се пробива низ тесните ходници и стрмни басамаци во кулата, но решена е да се искачи до највисокиот кат и да ја освои кулата висока 20 метри.
Приказната продолжува во прочуената Саат-кула, кулата со најубав ентериер во градот... тука со помали напори гостите стигнуваат на најгорниот спрат, каде ги очекува пријатно изненадување... стилски уредена староградска соба, и она најважното за веќе заморените гости... мека и удобна гарнитура за седење... одморот кратко трае, министерката излезе на малиот балкон, фрли еден панорамски поглед врз Кратово и веднаш посака токму тука да даде изјава за медиумите...
Времето си врви, агендата сеуште не е завршена... Правец ресторан „Александрија“, каде на ред се подземните ходници... темни влажни ходници, капки вода од росните ѕидови ги разладуваат посетителите... температурата пониска од 10 степени, не е препорачливо подолго време да се остане таму, за да се избегне температурниот шок...Таман помислив дека е доста од авантури, имајќи предвид дека гостите влегоа во градската библиотека, следуваше нова авантура... блиц посета на она што некогаш се нарекуваше градско кино... сцената е како од хорор филмови, пајажини долги и по еден метар висат... но, не за долго, вели министерката... кратовчани заслужуваат во најскоро време да добијат репрезентативна мултимедијална сала во која би се одржувале разни манифестации од областа на културата... да се надеваме дека нема долго да чекаме на отпочнување на овој проект... патем, министерката не пропушти да се задржи на едицијата „Нобеловци“, додека Кузман чепкаше по рафтовите барајќи нешто од областа на археологијата.
Да беше посетата реализирана во зима, денот ќе завршеше со неодминливата кратовска пастрмајка. Но, бидејќи е лето, кулинарите од хотелот „Кратис“ се потрудија гостите од Министерството за култура да ги понудат со мантии, качамак со кисело млеко, баница, кратовско сирење и кашкавал... и секако, со главно јадење печено јагне. Делегацијата веќе планираше заминување од Кратово, кога во хотелот пристигна „вечниот“ пратеник Љубисав Иванов – Ѕинго, кој на гостите им понуди кратовско „ркацители“, раскажувајќи им ја приказната за виновата лоза „кратошија“ како најстара на овие простори.
Автор на текстот и фотографиите - Оливер Арсовски (уредник на АБЕРЏИЈА)