Каратистката Наташа Илиевска и нејзиниот партнер Даниел Кимовски победија во втората сезона од натпреварот "Танц со ѕвездите", а радоста ја споделија со медиумите на прес-конференција.

"По победата, ми се јави татко ми од Кратово и ми рече: 'Ти си вонземјанин. Не можам да верувам дека ова е мојата ќерка'", откри Наташа, која лани професионално престана да се занимава со карате и им се посвети на магистерските студии на Електротехничкиот факултет.
"Таа во училиште беше првенец на генерација, на факултет е меѓу дваесеттемина најдобри студенти, во спортот има трофеи на светско ниво, а сега се покажа дека нејзината посветеност ја доведе на врвот на ова шоу", коментираше пријател на Илиевска.
"Наградата за Наташа и за Даниел ќе биде патување, но ние чувствуваме и обврска да ги пратиме во бања, малку да се релексираат. Ако гледаме во бројки, во втората сезона имаме повеќе од 900 илјади прегледи на Јутјуб до завчера. Ако се пресметаа и последните два дена пред и по финалето, можеби, сме стигнале и до милион. Нe следат 20.000 фанови на Фејсбук. Во просек, Наташа и Даниел имаа по 150 повторувања додека вежбаа еден танц. Ако вие нe поддржите, подготвени сме и за трета сезона", рекоа Огнен Антов, продуцентот на шоуто, и Стојан Вуичиќ, режисерот, од продукцијата "Дрим фактори", која го донесе лиценцираното шоу на "Би-Би-Си" во Македонија.
Антов додаде дека желба му е во некоја од следните сезони да се натпреварува и некој од фолк-естрадата.
"Тоа што судиите имаа високи очекувања од нас, особено по оној англиски валцер, ни беше само мотив плус. Сите судии станаа, а Васил Зафирчев дури и заплака. Сара Мејс и Мишо Спасовски во финалето ни беа многу силна конкуренција", рече Наташа.
Даниел, кој во Прилеп има свое училиште за танц, рече дека поради шоуто, има сe повеќе интерес од младите да научат да танцуваат. Шармантниот битолчанец, кој е заслужен за повеќето натпреварувачки кореографии, летово ќе го помине на работа и одмор во Америка.



















