Посмртните останки на Шатев ќе се селат во Кратово?
пишува - Оливер Арсовски
„Кого и да прашам кој бил Павел Шатев, сите ми велат познат гемиџија и руски шпион. Но, тој бил многу повеќе од тоа. Тој преживеал четири големи војни, лежел во единаесет затвори, животот го положил за Македонија. Педесет години, значи цел живот, посветил на македонското револуционерно движење“, рече историчарот Тодор Коцевски на промоцијата на своето дело „Павел Поцев Шатев 1882-1951 –хронологија“.
Неколку стотини граѓани достојно го одбележаа празникот, положувајќи цвеќе пред бистата на првиот министер за правосудство во слободна Македонија. Претседателот на општинскиот Совет, градоначалникот Андоновски, пратеникот Колевски, претставници на неколку партии, народни борци, претставници на резервните офицери му се поклонија на великанот на македонското револуционерно движење. Во петокот делегација од Кратово го посети неговиот гроб во Битола и наскоро планира да побара согласност од неговите наследници за ексхумација и пренесување на неговите мошти во Кратово.
„Сeуште се водат преговори за покренување ваква иницијатива на Советот на Општина Кратово и на граѓаните, но прво мора да се добие согласност од неговото семејството. Малку ни е тешко контактирањето со семејството, односно со ќерките, од кои за едната мислиме дека е во Загреб, а другата според наши сознанија е во Брисел. Во Кратово Шатев би добил и споменик, а в година ќе се слават 130 години од раѓањето“, вели Драган Георгиевски, директор на Музејот во Кратово.
Шатев е еден од солунските атентатори што пред Илинденското востание извршиле бомбашки напади во Солун за да го привлечат вниманието на Европа кон поробена Македонија. Поради заложбите за македонските национални интереси, одлежал 11 години по затворите во Турција, Бугарија и, за жал, во слободна Македонија, за која цел живот се борел.