Градскиот плоштад во Кратово кој го носи името на револуционерот Павел Шатев да добие и спомен обележје. На 62 годишнината од смртта, родниот град на Шатев иницира идеја за изградба на нов споменик. Пред веќе постоечкото спомен обележје, пред општинскиот суд, денеска свежо цвеќе положи општинската власт предводена од градоначалникот Мите Андоновски, претставници на ВМРО-ДПМНЕ и други граѓански организации. На достоинствен начин и кратовчани му оддадоа почит на својот сограѓанин, славниот гемиџија, еден од основачите на ВМРО - Обединета, но и првиот министер за правосудство во повоена Македонија.
-Сите во Кратово сме на мислење дека треба да се изгради споменик во чест на нашиот сограѓанин. Можеби треба да се размисли за дислокација на споменикот на Павел Шатев поставен во Скопје и негово преместување во Кратово, на плоштадот кој го носи неговото име – изјави Драган Георгиевски, директор на Музејот во Кратово.
Кратовчани со жалење ја примија и веста од Загреб за смртта на неговата ќерќа Милка Шатева. Таа неодамна на земјава и ги предаде необјавените ракописи на својот татко, со што делумно се расветли дел од животот на познатиот револуционер.