gogo

A+ R A-


Погледнете како се подготвува кратовска к'цана сол (ВИДЕО)

Е-пошта Печати PDF

altРетки се туристите кои биле во Кратово, а патот да не ги однел во прочуената етно-куќа Шанчева. По калдрмата на кратовските сокаци, насетувајќи ги опојните мириси на прочуената к’цана сол, патот не води во Католичка маала, а таму, како вистински домаќин, не пречека Стевче Доневски. Тој и неговото семејство повеќе децении произведуваат к'цана сол на традиционален начин. Во дрвен дибек од цреша или од даб, Стевче става ароматични билки, нане, ноктец, мајчина душица, црвен пипер, повечеринка, пченка која кратовци ја нарекуваат мумуруска и рузмарин. Сите состојки собрани од падините на Осоговските планини, а солта, една од клучните состојки, мора да биде донесена дури од Солун. Најтешкиот дел од подготовката на зачинот е толчењето, и тоа ни повеќе ни помалку, туку цели 14 часа. Во Шанчева секогаш е како во кошница. Таму го затекнавме кратовецот Методи Наков, кој одамна живее во Полска. Деновиве го посети родниот град за да се потсети на вкусот на кцаната сол, но и да однесе неколку пакувања на своите пријатели во Лублин. Тој добро знае дека зачинот се приготвува околу празникот Митровден.
Традицијата за приготвување к’цана сол од ароматични билки, пченка и морска сол се чува во се' помал број кратовски семејства, а се' почесто производот се презентира на саемски манифестации во странство. Преку мрежата за гастрономија на Slow Food, кратовскиот зачин беше претставен на многу саеми и како состојка влезе во кујните на многу познати готвачи. Тој има многувековна традиција, а за првпат во книгите се спомнува пред речиси 100 години.
К’цана сол најчесто се консумира со посебно приготвено лепче, познато како пета, со кое се мака приготвената ароматична сол. Погачката, односно лепчето се приготвува со тежина од 200 грама. К’цаната сол и лепчето пета од кратовскиот крај свое место си најдоа и во книгата „Западен Балкан“ на патеписецот Крис Делисо. На крајот на краиштата, не можете да кажете дека навистина сте ја вкусиле душата на нашата земја доколку не сте ја пробале кратовската к’цана сол.

alt

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.