gogo

A+ R A-


Превземено од ПУБЛИКА (Дневник)

Е-пошта Печати PDF

Интервју со Љубисав Иванов-Ѕинго (автор - Бобан Нонковиќ)

Бранко веќе нема пријатели и тагува по мене

Со новиот пратенички мандат, 75-годишниот претседател на СоцијалистиЧката партија на Македониjа по конституирањето на идниот парламент ќе стане апсолутен рекордер со дури 43-годишен стаж во законодавниот дом. Но, Ѕинго не се предава, вели дека ќе седи во Собранието и ќе се занимава со политика додека е жив. А за неговиот однос со некогашниот партнер Бранко Црвенковски, за кого вели дека останал без пријатели и дека жали што не се повеќе во коалициска љубов, за односот со Никола Груевски, силата на СПМ, за ТВ „Сител“, за случајот „Пајажина“ и други интересни теми, популарниот Ѕинго отворено говори во интервјуто за „Публика“

Кога ќе се конституира новиот парламентарен состав во Македонија, Вие ќе станете апсолутен рекордер, бидејќи со новите четири години ќе имате вкупно 47-годишен работен стаж во Собранието. Како се чувствувате во врска со тоа?

- Јас сум пратеник во Република Македонија од 1968 година. Колку што се сеќавам, во нашата република имаше повеќе т.н. Собори, додека во Југославија постоеја само два. Кај нас, најмногу бев пратеник во Републичкиот Собор, а членував и во Стопанскиот. Во Југославија, пак, членував во „Соборот на народите“. Чувството е прекрасно, кога знаеш дека работиш за својот народ и својата држава. Од 1968 година, јас ја создавав компанијата „Силекс“, па пратеничката функција ја извршував волонтерски, но со исклучителна посветеност и пласирање на идеи, закони и предлози што често беа и пред времето. Моите предлози најчесто предизвикуваа широки расправии, но на крајот секогаш беа усвојувани. Бидејќи често патував во западните земји, позитивните работи што ги гледав таму се обидував да ги имплементирам и кај нас, но често тоа одеше тешко.

Интересно, но, според податоците, иако 43 години сте дел од највисокиот законодавен дом на Република Македонија, дури сега, кога ќе се одржи конститутивната седница, Вие ќе седнете на претседателското столче, како најстар меѓу 123 пратеници! Дали сметате дека 43 години се премногу за да дочекате да седнете на највисокото столче?

- Интересно, но јас долго време бев најмлад пратеник во републичките и сојузните Собори. Во тамошните пратенички клупи седеа народни херои, политичари од кариера, докажани дејци, академици... Сите тие беа луѓе во години и со големо искуство. Јас, пак, бев млад, но веќе имав постигнато голем успех во развојот на економијата, со големи и динамични достигнувања, за што ги добив сите награди и одликувања, меѓу кои и највисоката т.н. „Авнојска награда“. А, јас бев единствениот случај во тогашна Југославија да бидам предложен од три општини (Куманово, Кратово и Крива Паланка) и тоа директно од собири на граѓани, масовно, независно од Сојузот на комунистите на Македонија (СКМ) и Социјалистичкиот сојуз. Тоа беше големо признание за мојата работа, бидејќи од ништо успеав да направам огромна компанија. Многупати ми беше нудено да заземам и високи политички функции во Републиката, а подоцна и во Белград, но ги одбивав затоа што ми беше поубаво да изградам 12 фабрики, десет рудници, да развивам земјоделци, градежништво, угостителство, трговија, банки, телевизија и друго.

Може ли да се сетите на претходните парламентарни состави, од независноста на РМ, па наваму, но и претходно, во времето на СФРЈ и да направите споредба како тие функционираа, а како функционираат сегашните состави?

- Долго време сум пратеник и тоа во два различни системи. Многу луѓе живеат во заблуда дека во еднопартискиот систем немаме вистински парламентаризам, што не е точно! Во парламентите во тој систем се водеа жестоки расправи, пратениците ги бранеа интересите на своите општини, републики или стопански организации, со аргументи, со факти, со изготвени анализи, студии... Притоа, често имаше голем број на идеи што се преточуваа во амандмани и сето тоа се одвиваше на демократски, културен и цивилизиран начин. Не е точно дека решенијата ги диктирал некој одозгора. Всушност, како времето одминуваше, с` повеќе пратеници беа посамостојни. Има безброј примери кога предлози што доаѓаа од владата или Централниот комитет, да не се усвојат во парламентот и најчесто тие се повлекуваа. Еден таков предлог околу територијалната поделба во РМ, јас го соборив во случајот кога требаше Пробиштип да се припои кон Штип, а не кон Кратово.


Ермира Мехмети е одлична за претседател на Собранието

Но, очигледно Вие, а и Македонците воопшто, веќе никогаш нема да бидат претседатели на парламентот, бидејќи, како стојат работите, отсега прв човек на Собранието се очекува да биде претставник на албанскиот коалициски партнер во власта. Како гледате на ова и дали имате свој фаворит од ДУИ?

- Македонија ја гледам во иднина како чиста граѓанска држава, а партиите како граѓански партии во кои ќе членуваат сите граѓани, без разлика на која нација или вера припаѓаат. Така е во развиениот парламентаризам на Запад. Таму нема партии по национална основа, а државите во кои партиите почиваат на национална основа немаат светла иднина. Но, свеста кај луѓето не се менува брзо, посебно со нашето влегување во евро-атланските интеграции. Нашите деца и идните поколенија ќе имаат друг пристап кон сето ова што сега н` обременува. Ние својата иднина не можеме да ја градиме на племенски основи, туку во правец во кој оди светот, без граници и предрасуди.

Инаку, јавно прашувам: „Зошто, на пример, Ермира Мехмети да не може да биде претседател на Собранието на Република Македонија?“. Таа е образувана, културна, контактибилна, знае да гради односи, одговорна е, речита, го зборува убаво македонскиот јазик..., па не гледам ниту една причина што би ја спречила да не ја обавува оваа функција или било која друга. Луѓето треба да ги мериме според нивните квалитети, а не според тоа на која националност или на која вера припаѓаат. Мојот сон е да ја видам Македонија како вистинска граѓанска држава во која нема да има племенски водачи.

Избрзав со заклучокот за претседател на Собранието од редовите на ДУИ, како веќе да е договорена коалицијата на коалицијата „За подобра Македонија“ и ДУИ. Но, до каде се работите, има ли СПМ претставник во преговорите или тие се одвиваат на највисоко ниво (Груевски-Ахмети) или само меѓу претставници на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ?

- Коалицијата „За подобра македонија“ се состои од 23 партии, некои се помали, а некои поголеми. Најголема е партијата што ја предводи Никола Груевски и тоа не само во коалицијата, туку и воопшто во државата. Како заеднички лидер, едногласно, Груевски е овластен од сите нас да во свое и наше име ги води преговорите, како и да составува тела за тие преговори. Тој н` информира редовно за сите преземени чекори по сите прашања, па и во врска со преговорите со коалициските партнери и како резултат на досегашна стекната доверба ги има сите овластувања за тие разговори и преговори. Ако некој од нас сака да активно учествува, нема никакви пречки. Па, така, во поранешните преговори, јас повеќепати бев замолуван да помогнам и тоа го прифаќав и успешно ја завршивме работата. Сега не гледам причина за мое активно вклучување.


Силата на СПМ не е во ТВ „Сител“

Дали СПМ ќе го задржи министерството за земјоделство и ако тоа не ви биде понудено во преговорите, дали може да ја напуштите коалицијата или да се задоволите со некое друго министерство?

- Коалицијата „За подобра Македонија“ не ја направивме само за да ги делиме министерствата, туку да ја стабилизираме државата по сите основи, посебно на економски план. Ако мандаторот, а тоа е Никола Груевски, е задоволен со работата на нашиот министер и со развојот на оваа стопанска гранка, тогаш тој самиот ќе го понуди. Нашата коалиција почива на стабилни основи, на меѓусебно почитување, уважување и разбирање, па затоа нема шанса да се растури коалиција за било-што. Всушност, СПМ е таква партија која никогаш не растурала нешто што било изградено. Тоа го правеа некои други и затоа сега ги сносат последиците.

Кога сме кај коалицијата на СПМ со ВМРО-ДПМНЕ, некако дејствува чудно, да не речам непринципиелно, една Социјалистичка партија, која по дифолт е левичарска, да коалицира со партија што и припаѓа на класичната десница, што во случајов е ВМРО-ДПМНЕ?

- Тоа се стари сфаќања и стереотипи. Состојбите во развиениот свет се драстично променети. Кажете ми, каква програмска разлика има меѓу конзервативната и лабуристичката партија во Британија или меѓу двете партии во САД и таканаречените десни партии. Разликите се во нијанси.

Опозицијата обвинува дека коалицијата на вашата партија со онаа на Никола Груевски е од чист интерес и ништо друго, а најмногу заради поддршката на ТВ „Сител“ на најголемата партија во Македонија!

- Целокупната работа на опозицијата се сведе на обвинувања, вештачко создавање на афери, ширење невистини, валкање, навреди и озборувања. Во светот опозицијата е коректор на позицијата, дава идеи и нуди на подобри решенија. Нашата опозиција, пак, непрестајно бара само предвремени избори и кога ќе ги добие - редовно ги губи! Граѓаните ја препознаваат СДСМ само како партија што само се бори за гола власт, без да понуди решенија и идеи како да го надмине она што го направи во транзицискиот период. Нашата коалиција има за цел да создадеме богата држава и среќни граѓани со пристоен животен стандард и со надеж дека нашите деца ќе останат да живеат и работат во својата татковина. Што се однесува до телевизија „Сител“, ќе кажам само дека таа е самостојна национална ТВ-станица, една од најгледаните телевизии и нејзиниот уредувачки колегиум ја има препознаено целокупната наша политика на реформи, промени и начини на остварување и ја поддржува за доброто на Македонија. С` друго се шпекулации и злоупотреби.

Дали силата на СПМ е во нејзиното политичко дејствување, идеологија, или во ТВ „Сител“?

- Силата на социјалистичките партии во светот е во програмите, идеите и идеологијата. Тие го немаат ТВ „Сител“, па аналогно на тоа и силата на СПМ е во тој правец. Социјалистичката партија е најстара партија во Македонија, а најголемите личности од нашата историја биле социјалисти. Ниту една телевизија кај нас, па и во светот, не правела партија, па самото тврдење нема логика и не е добронамерно. СПМ од 1990 година е непрестано парламентарна партија, многу пати на избори одевме самостојно и имаме постојано гласачко тело од 50.000 до 100.000 гласачи, што може да се види од документацијата.


Груевски е она што и требаше на Македонија

Во неодамнешната изборна кампања, Бранко Црвенковски се извини на граѓаните што некогаш коалицирал со Вас, но може ли да кажете, дали е вистина дека последната понуда за коалицирање со Црвенковски и СДСМ, во 2002 година, сте ја одбиле, бидејќи била условена со тоа што во тој случај ќе сте морале да го смените главниот и одговорен уредник на ТВ „Сител“, Драган Павловиќ-Латас?

- Во изборни кампањи се зборува с` и сешто. Но, со самото тоа што Црвенковски толку многу се занимава со мене, јасно е дека тој тагува по мене и знам дека жали за тоа што во 2002 година, тој, од за мене с` уште непознати причини, брзоплето со уцени ја растури коалицијата, а не јас. Тоа беше и единствениот пат тој да добие избори без СПМ, како резултат на војната во Македонија и многубројните грешки на Владата на Љубчо Георгиевски. Во големиот број на избори што следуваа, а без социјалистите, Бранко губеше. Па, сега сите нека увидат кој е губитникот. Сепак, јас, како добар Христијанин му простувам и во моето срце нема место за омраза. Но, повеќе не му верувам на овој човек и можам да забележам дека тој веќе нема вистински и постојани пријатели, туку околу него се само интересенти.



Што е причината што го претпочитате ВМРО-ДПМНЕ и Груевски како партнери, а не СДСМ и Црвенковски?

- Груевски, во поновата македонска историја се појави како политичар по мерка и потреби за Македонија и македонскиот народ. Тој е човек од збор, чесен и не ветува тоа што не може да го исполни. А, ако ви е пријател, тој ви станува траен пријател. Нема ништо скриено, подло кај него. Тој не игра валкано, многу е трудољубив, гради односи, исклучително е работлив, ја одржува коалицијата, а неговата партија постојано ја реформира со голема доверба во младите. Од другата страна, пак, во СДСМ е с` спротивно и тука се разликите, посебно во вообразеноста, непочитувањето и лошите резултати од работата на Црвенковски.

Дали го кажавте во занес или не и што конкретно мислевте кога во кампањата кога истакнавте дека „Мајката на Никола Груевски треба да е среќна што родила таков син!“?

- Тоа го кажав на митингот во Штип. Додека говорев на бината, ја видов мајката на Никола меѓу народот и веднаш ми се роди идејата да се заблагодарам на таа мајка што го родила, израснала и што е најважно - го воспитала толку успешно во едни тешки услови. За Груевски имам високо мислење и тврдам дека Македонија има среќа што се појави една таква личност во политиката со непроценлива вредност. 

Како мислите дека ќе се развива и како треба да се развива понатамошната политичка кариера на Бранко Црвенковски, по неговиот најнов политички пораз?

- Поразите се составен дел од животот и животот на секој човек е исполнет со успеси и неуспеси. На успехот треба да се радуваме, а во неуспесите е нормално да се тагува, но големите луѓе од нив извлекуваат позитивни заклучоци и како резултат на тоа се менуваат. Најголема сатисфакција е кога мирно и достоинствено го примите поразот, му подадете рака на противникот и покажете подготвеност заеднички да работите за доброто на сопствената држава. А, како ќе се развива политичката кариера на Црвенковски понатаму, тоа зависи само од него и од никој друг.


„Прости им Боже, не знаат што прават!“

Но, СДСМ си ја претставува успешноста да освојат 42 пратеници (кои доколку се одбија пратениците од нивните листи што не се од СДСМ се всушност само 29 на број), како победа, па Црвенковски дури и се закани со „Видовте што направивме со 18, можете ли да замислите што се може да направиме со 42 пратеници?!“.

- Да се освојат 42 пратеници е голем успех. Но, веднаш се наметнува и тоа дека да се освојат 56 места во парламентот е уште поголем успех. И во едниот и во другиот случај, човек треба да се радува. Во случајов, победникот е тој за кого гласале најголемиот број луѓе и тој ќе ја практикува власта. Такви се правилата и кај нас и во светот! Победникот делува како позиција, поразениот, па и со еден глас помалку - е опозиција! А, Собранието е место каде се води дијалогот на културен и цивилизиран начин. Но, за важните национални процеси, сепак, треба да се има консензус, како што е во светот. Заканите не се добри за никого, посебно за опозицијата која нема да има шанса да се врати на власт ако со опструкции нанесува штета на државата.

Зошто СПМ не оди сама на избори, да си ја пробате силата? Или се плашите да не завршите како малите партии на овие избори (ЛДП, ВМРО-Народна, Обединети за Македонија и другите), кои останаа вонпарламентарни?

- СПМ повеќепати одеше сама на избори и го проверуваше рејтингот. И покрај тоа што честопати бевме поткрадувани од големите партии, секој пат добивавме пратеници и имавме свои претставници во парламентот. Па, така, на локалните избори во 1996 година, со близу 100.000 гласови, СПМ освои 12 градоначалнички места. Но, сегашната коалиција „За подобра Македонија“ се покажа многу поуспешна од повеќе аспекти и нешто што е добро и што дава резултати - не треба и нелогично е да се менува!

Црвенковски, во кампањата, најавуваше дека, исто како Груевски со Велија Рамковски, дека кога тој ќе дошол на власт, ќе расчистел и со „ѕинговци“ и „стојменовци“, мислејќи најверојатно на вашата и поврзаноста на Борис Стојменов со ТВ „Канал 5“. Што според Вас, мислел Црвенковски со ова?

- Што мислел Бранко со таа изјава да каже, ќе мора да го прашате него, но верувам дека и тој ќе нема одговор. Во живот сум се изнаслушал безброј закани и тоа во двата система. Но, како што може да видите и слушнете, јас никогаш не сум се служел со вакви подли работи. А, како што можеме да видиме низ светот, само диктатори се закануваат со војска, полиција и судство. Верувам дека помина времето на таквите. Јас сум по природа човек што тешко може некој да го исплаши, а и годините ми се такви. Сепак, сметам дека е крајно време за поединци да се ослободат од вакви однесувања, а јас им простувам со зборовите на Исус Христос: „Прости им, Боже, не знаат што прават!“.

А, како го коментирате апсењето на Љубе Бошкоски, ден по изборите, поради земање на мито за покривање на кампања. Дали се согласувате дека се работи за реваншизам, поради острата реторика на Бошкоски во кампањата против Груевски и неговото семејство?

- Со овој човек во минатото имав лошо искуство. Со автоматско оружје и без судски налог, тој ги нападна моите вработените, посебно во главната дирекција во Кратово, во време кога јас бев во македонскиот парламент. Бошкоски направи безброј глупости за кои потоа се водеа и судски процеси што тој сите ги загуби. Токму затоа, неговиот случај не би сакал да го коментирам. С` што знам е од медиумите, но се држам до народната: „Каде има дим, има и оган“.


Се покажа дека „Злетовица“ е чист случај

Ќе сакате ли конечно да ни објасните за аферата „Злетовица“ и обвинувањата на сметка на „Силекс Неметали“, што е поврзано и со Вас, како и со членови на Вашето семејство, за наводна малверзација со 70 милиони евра?

- Не постои афера „Злетовица“! Таа се конструира во нечии празни глави водени со мислата и намерата мене да ми се нанесе политичка штета. СПМ ја спречи најголемата криминална афера во времето на владеењето на СДСМ, кога на меѓународниот тендер работата требаше да се додели на една турска градежна фирма поскапа од конзорциумот „Бетон-Гранит“, за девет милиони евра. Бидејќи аферата беше откриена, не дојде до потпишување, по што Владата на Груевски работа ја додели на „Бетон“ и „Гранит“, фирми со кои Министерството за земјоделство и „Злетовица“ склучија договор за девет милиони евра пониска цена. „Гранит“ и „Бетон“ побараа од повеќе фирми понуди за експлоатација на камен од каменолом и изработка на тунели. „Силекс Неметали“ имаше најповолна понуда и со него се склучи договор. Консултантската јапонска фирма на „Злетовица“ изрази сомневање дали ќе може оваа компанија да ги изврши сите работи и му испрати допис на министерот за земјоделство, кој е од нашата партија. Тој, според законот, договорот и правилата, е најкомпетентен да одлучи. Откако министерот доби цврсти гаранции од „Гранит“ и „Бетон“ и откако неговите луѓе се уверија во кадровската и техничката опременост, како и од издадените банковни гаранции, тој донесе одлука дека „Силекс Неметали“ може да се ангажира за подизведувач. Опозицијата правеше афера од политички карактер, но на крајот Јавното обвинителство констатира дека с` е чисто и според законот, со што пропаднаа сите намери. А, сите усти, пак, комплетно беа затворени откако, од страна на „Силекс Неметали“ сите објекти успешно беа завршени и предвреме пуштени во употреба. Сега, сите што обвинуваа, ако имаат ронка срам, треба да се извинат. Но, бидејќи од СДСМ само разградувале и уништувале, сега не се радуваат на она што ќе се изгради и се подготвени и тоа да го уништат без размислување. Всушност, нивната нечесност се гледа во тоа што зборуваат за некои 70 милиона евра, а целата наша работа е завршена за помалку од четири милиони евра!

Има ли тука случај? Некои нискотиражни весници и ТВ-куќи правеа приказни од сето ова, но завршија на суд, тужени за навреда и клевета од Вас? Имате ли практика да тужите новинари и ќе одите ли до крај во овој случај?

- Бидејќи долго време се изнесуваа(т) лаги, невистини и навреди врз мојот углед и чест, мене не ми остануваше ништо друго, туку да побарам на суд да се докажат овие монструозни конструкции. Но, гледате, и во случајот со „Злетовица“, кога „големите“ новинари ќе дојдат на суд, тие плачат како мали деца и ги посочуваат уредниците како тие да се виновни, обвинувајќи дека им наредиле како да пишуваат и зборуваат. Со оглед на тоа што се работи за исфабрикувани натписи, јас за такви „порачки“ редовно тужам, а не верувам дека некој би тужел на суд ако е виновен. Во секој случај, тужбите против новинарите не ги повлекува и ќе одам до крај се со цел да победи вистината!


Мора да се зачлениме во НАТО и ЕУ, но и да го сочуваме името и јазикот

Што ќе биде приоритет на идната влада? Некако се наметнува прашањето за решавање на спорот за името со Грција и влез на Македонија во НАТО, како и почеток на преговорите за влез во ЕУ - како приоритет!

- Зачленувањето во евроатлантските асоцијации, НАТО и Европската Унија, беше и останува желба и приоритет на оваа Влада. Македонија ги исполни сите услови, но пречка е Грција и таа става вето уценувајќи не да се откажеме од своето име, нација, јазик, култура, историја и од с` што е македонско! Такво нешто не може да се прифати по ниту една цена. Притисокот е голем и од надвор и од непријателските добро-платени внатрешни сили што дури се поопасни. Но, според мојата процена, Европа е заситена од проширувања, па ако таа сака ќе ја притисне банкротираната Грција да престане да н` малтретира и уценува со ултиматуми.

Каков е Вашиот и ставот на СПМ во врска со прашањето со името?

- Мојот став и ставот на СПМ е идентичен - нема промена на уставното име, нема промена на јазикот, националноста и нема откажување од своето богато културно наследство!

Ќе издржи ли конечно оваа Влада еден цел, четиригодишен мандат?

- Крајно време е овој пат да истераме цел мандат, со цел да ги оствариме реформите и сите зацртани програми. Само со вистински резултати и ефекти, нашата земја ќе стане богата. 

И, за крај, до кога планирате активно да се занимавате со политика и да бидете во парламентот, бидејќи Владо Бучковски неодамна ве обвини дека силата ве издава и дека се случува да „дремнете“ во собраниските клупи?

- Со политика ќе се занимавам до крајот на животот! Витален сум, добро ме служи умот, а има во мене и многу енергија и врела крв. Не верувам дека професорот Бучковски рекол таква глупост, бидејќи јас спијам седум часа во денот и тоа само во мојата куќа. Веројатно некој будала го насанкал за да ја каже оваа лудорија.

Бобан Нонковиќ


Не се познавам со Велија Рамковски

Како го коментирате судскиот процес и воопшто целиот случај „Пајажина“?

- Никогаш не сум коментирал и нема да коментирам судски процеси. Така сум воспитан и така мислам. Случајот „Пајажина“, пак, воопшто од принципиелни човечки, морални и етички причини, нема да го коментирам. Меѓу другото, ако зборувам за проблемот и со аргументи, читателот ќе сфати дека користам шанса да се реванширам за многубројните невистинити напади, навреди и омаловажување направени кон мене од страна на „А1“-телевизија. Газдата на споменатата телевизија, јас лично не го познавам и сум го видел само на телевизија. Со Велија Рамковски не сум имал никакви деловни односи, ниту пак лично некаде сум го нападнал или навредил. Мојот углед и достоинство не ми дозволува да се спуштам на такво приземно ниво.


Ми пречи поделбата на Македонци и Албанци

Сметате ли дека сега коалицијата „За подобра Македонија“ ќе мора да направи голем број на отстапки, говорам во бројот на министерства, но и во силината на кабинетите што би го добил албанскиот партнер. Се најавува дека е можно „интегративците“ на Ахмети да добијат и едно од министерствата за внатрешни, надворешни работи или за одбрана или финансии?

- Мене ми пречи кога се делат работите на Македонци и Албанци и притоа како да нема други националности. Плус, вечната делба и постојаното вакви етикетирање многу ми пречи. Нема функција, нема место на кое не може да конкурира или да се кандидира било кој човек, без оглед на националноста. Доколку располага со квалитети и ако си ја сака и почитува државата, ако има љубов кон сите граѓани, ако е чесен, работлив и да не е националист - секој може да предводи било кое министерство!


Опозицијата се затскрива зад оние што протестираат за убиеното момче!

Како го коментирате случајот со убиството на младиот Мартин Нешковски на плоштадот, вечерта кога вашата коалиција ја прославуваше победата на изборите на 5 јуни и обидот на опозицијата, медиумите блиски до неа, како и на некои невладини организации, од ова да направат случај што би довел до грчко сценарио и обид за уривање на власта од улица?

- Ваквите сценарија се видени и во светот, а во други форми и кај нас. Случајот е непријатен, тажен и тежок. Но, убиецот е во затвор и во рацете на судските органи и тие треба да го истераат до крај случајот, како што доликува на секоја правна држава. Но, тоа што го прави опозицијата, прикривајќи се преку разни асоцијации и таканаречени невладини организации, злоупотребувајќи ги младите, е неморално и нечовечно. Кога државата работи според Уставот и законите и кога нејзините институции се однесуваат исто така, нема сила што ќе ја дестабилизира државата. Со овие протести само може да се урива угледот на државата и нацијата и крајно време е да се престане со ваквите методи.

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.