Жителите на Кратово може да здивнат, откако утринава беше отепан волкот кој подолг временски период шеташе низ градот и втеруваше страв во коски на локалното население. Младиот волк утринава бил забележан во дворот на основното училиште „Кочо Рацин“ од страна на ученикот Кристијан Ангеловски, кој реагирал присебно и веднаш ги информирал вработените во „Македонски шуми“, кои биле во близина. Тројца шумари со секира в раце се упатиле кон училиштето и го отепале.
-Прво што помисливме е дека детето се препознало, дека се работи за куче кое наликува на волк. Но, кога стигнавме во школскиот двор, се уверивме дека се работи за млад волк, околу триесеттина килограми. Беше заплеткан со едната нога во гранките на јасенот и се обидуваше да се ослободи и да побегне. Можеби ќе го поштедев да го пронајдев во шума, но бидејќи беше симнат во центарот на градот и претставуваше опасност за нашите деца, се одлучив да му пресудам. Со еден прецизен удар на секирата го отепав – раскажува шумарот Никола Ѓошев.
Во текот на денот се собираа поголеми групи граѓани за да го видат одблизу волкот. Велат дека истиот волк подолг период се движел во централното градско подрачје.
-Пред неколку дена истиот волк беше забележан кај двата шествековни борови, во „Карши бавча“ која е на само 100 метра од градскиот плоштад. Друга глутница волци месец-два ги вознемирува жителите на кратовска Зорле-маала. Очигледно е дека планината не им нуди доволно храна, па волците се принудени да се симнат во градот – велат кратовчани.
Ова не е прв случај волци да слезат во градот и да прават паника кај локалното население. Пред неколку години имаше два случаи кога волци беа застрелани на влезот од градот, кај бензинската пумпа.
-Волците ретко слегуваат во градски зони, и тоа најчесто кога веќе нема храна во планините. Волкот што беше убиен во школскиот двор е осамено животно, кое, веројатно, поради некоја болест ја напуштило глутницата и спаднало во градот. Тука му е полесно да дојде до храна, буричкајќи по контејнери – вели искусниот ловџија Иван Ангеловски. Оливер Арсовски