Светот и Македонија го одбележуваат 8 Април – светскиот ден на Ромите. Форумот на жени на Социјалистичката партија од Кратово го искористи овој датум за да помогне на ромското семејство Мустафови, чиј дом пред десеттина дена целосно изгоре. Социјалистите од Кратово донираа мебел, покуќнина, облека, храна и школски прибор за шестчленото семејство на Никифор Мустафов, во кое најмалото дете е едногодишно бебе и во кое никој не работи.
-Ги повикуваме граѓаните да ни се придружат во градење на достоинствени меѓучовечки и меѓупартиски односи во кои ќе доминира толеранцијата и меѓусебното разбирање и почитување. Форумот на жени на СПМ ќе продолжи да ги почитува и негува длабоките корени на стеблото што го засадија социјалистите – истакна Гордана Накова од СПМ.
Накова истакна дека пред неколку дена на семејството Мустафови му подариле кауч и фотелја, а деновиве се прават напори да се обезбедат влезна врата, внатрешна врата и прозор од граѓани кои менувале или планираат да менуваат столарија во своите домови.
Семејството Мустафови доби парична помош за итно да го покрие домот. Општинскиот Совет и градоначалникот на Кратово, Мите Андоновски, доделија еднократна помош од 30.000 денари, а истата сума Мустафови ја добија и од Министерството за труд и социјална политика. Мустафови апелират до хуманите граѓани да донираат за што побргу да го обноват скромниот дом. Засега привремено се сместени во друга куќа, но желбата на Мустафови е повторно да се вселат во својот дом. Оливер Арсовски




















