пишува - Оливер Арсовски
Годините врват, приказните се забораваат доколку не бидат регистрирани на некој медиум. Една таква приказна за ковачкиот и пушкарскиот занает во дамнешно Кратово ни раскажа господинот Љубомир Вељковски (1940), роден во с.Нежилово, кој денес живее во Јесенице, Словенија
-Кога го напуштив Нежилово во 1956, во селото имаше 85 населени куќи, а сега дали има 6-7 куќи со некој старец. Дојдов во Кратово во 1956 година, а ковачкиот занает го учев од Александар Андреев. Во неговиот дуќан најмногу изработував кантари за мерење, но и косири, секири, српови... Покрај ковачките работи, почнав да се занимавам и со пушкарство. На почетокот поправав механизми од расипани пушки, а подоцна почнав да изработувам пушки, таканаречени „капсалии“. Сигурно сум изработил најмалку 20 такви пушки. Изработката на пушките беше рачна, ми беа потребни околу 20 дена за една пушка или околу 100 часа работа. Со такви пушки многу порано била снабдена и војската на францускиот војсководец Наполеон. Инаку, пушкари во тоа време немаше во источна Македонија, единствено во Зрновци имаше прочуени пушкари.
Во тоа време во Кратово имаше осум ковачи, Сандре, Николчо, Коце, Трајче, Стево, Димитар и Александар, но само јас изработував пушки. Интересно е што во тоа време ковачите беа и забари. Тогаш заби во Кратово вадеа учителот Иле Китанов и ковачот Трајче Цуле. За таа намена се изработуваа клешти со подолг шпиц, кои пред употреба се дезинфицираа на силен оган.
Покрај ковачкиот занает, научив да изработувам и стари македонски музички инструменти. Татко ми и брат ми беа гајдаџии и од нив ја засакв музиката. Денес во слободно време изработувам најмногу жичани инструменти, но и тапани, гајдарки, дудучиња... Жал ми е што занаетот нема на кого да го оставам во наследство, бидејќи имам две ќерќи – ни ја раскажа приказната веќе остарениот пушкар чичко Љубе, кој се поретко навраќа во родното село. За да остави трага за занаетите кои ги работел во минатото, на кратовчанецот Стевче Доневски му подарил една стара пушка „капсалија“ и еден жичан инструмент, кои можат да се видат во винскиот подрум на Шанчева куќа.
Во овој миг ковачкиот занает воопшто не е на цена кај младите, а единствениот кој не дозволува овој традиционален занает да не исчезне во Кратово е ковачот Мишо Нушев.
Коментари
Ubava storija ..interesno
\
0 Blagica 2012-06-17 18:38 #1
RSS feed for comments to this post