Шампионката си дојде дома
пишува - Оливер Арсовски
Цел град излепен со плакати, развиорени знамиња на повеќе места, поголема група граѓани облечени во исти маици ракоплескаат и скандираат... Ако некој помислил дека вакви почести им се прават само на политичарите и дека претходната реченица беше најава за некаков политички митинг, сте згрешиле. Европскиот шампион во карате Наташа Илиевска се врати во родното Кратово, првпат откако се закити со златното одличје во Швајцарија. А врвните спортисти заслужуваат врвен пречек. Најпрвин градоначалникот и политичката елита во градот ја имаа честа да се ракуваат со Наташа и да и го честитаат успехот, по што следуваше прием кај градоначалникот. На нејзиниот успех особено и се радуваа професорите од кратовската гимназија, каде Наташа ги помина средношколските денови. Токму холот на училиштето во иднина ќе го краси голема слика со Наташа и златниот медал во рака, како потсетник за новите генерации кои учат во нашето училиште дека спортот е животна филозофија и преку него човек може да се афирмира и себеси, но и својот град.
Честитки, драга наша ШАМПИОНКЕ, и да ни донесеш злато и од Светското првенство.