gogo

A+ R A-


Трифче Сандев најдобар млад научник за 2011

Е-пошта Печати PDF

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска на Трифче Сандев му го додели признанието за најдобар млад научник за 2011 година, за истражувањата во полето на физиката и математичката физика.

trifce-sandev.jpg500

Честитајќи му го признанието, Иванов истакна дека особено го радува фактот што Сандев своето образование целосно го има стекнато во домашните образовни институции, а својата научна работа ја продолжува во Македонија.

- Креативноста и постигнувањата на младите научници ни даваат за право да веруваме дека имаме потенцијал на кој сериозно треба да се смета во сите научни области, истакна претседателот Иванов.

Како општество, потенцира тој, треба да направиме се младите научници да ги заземат своите места во образованието, институциите, компаниите во кои ќе можат најмногу да придонесат со својата научна работа за развој на Македонија.

- Да се добие едно вакво признание од претседателот на државата за истражувања кои не се направени некаде надвор, туку овде во Македонија, а се воедно прифатени од меѓународната научна јавност значи уште повеќе, рече Сандев

Според него, тоа треба да биде поттик за младите истражувачи научната дејност да ја продолжат во својата земја, со што ќе придонесат за градење на здраво, квалитетно и економски поразвиено општество.

Сандев работи на полето на математичка физика и статистичка физика, поточно на моделирање на некои процеси кои се случуваат во природата.

- Некои постоечки експериментални резултати кои досега немале теориски модел да бидат објаснети со моите теориски истражувања, односно со моделите кои ги предлагам, ги опишувам и го објаснувам нивното поведение, рече Сандев.

Тој појасни дека неговата област од интерес опишува движење на некои молекули во живите клетки, а некои делови од истражувањата може да се применат во моделирање на ширење на некои вируси и бактерии, за ширење на некои бранови во многу комплексни средини, како и за објаснување на некои дифузиони проблеми кои се јавуваат секаде во природата.

- Претходно се има работено на ова поле, но нови резултати се предложени од наша страна, рече Сандев и додаде дека неговите резултати последнава година се објавени во пет меѓународни списанија со фактор на влијание што укажува дека тие се битни за науката.

Истражувањето, Сандев го започнал во 2006 година кога се запишал на последипломски студии на Факултетот за физика, а на оваа тема работел и на магистерската теза која ја завршил во 2010 година, по што продолжил да работи на ова поле.

Ова признание, кое секоја година го доделува претседателот Иванов, е во функција на поддршка на младата научна и истражувачка мисла и има за цел да ги стимулира вложувањата во научниот развој на младите во Република Македонија.

На годинашниот конкурс биле пријавени 22 млади научници. - Анализирајќи ги пристигнатите трудови можеме да констатираме дека не само квантитативно, туку и квалитативно имаме позитивен исчекор во однос на минатата година. Исчекор, кој ја усложни задачата на Комисијата за избор на најмлад научник, која меѓу повеќе извонредни трудови требаше да се донесе одлука само за еден кандидат, рече Иванов.

Сандев е роден на 23 мај 1982 година во Кратово, каде завршил основно и средно образование. Дипломирал со просек 10 на Природно математичкиот факултет во Скопје на Институтот за физика, а магистрирал на физички науки со просек 10, по што има пријавено докторска теза на Институтот за физика во Скопје. Сандев работи во Дирекцијата за радијациона сигурност во Скопје, а е автор на 20-тина научни и стручни трудови од кои повеќето се објавени во референтни меѓународни списанија со фактор на влијание.

Сандев за научно истражувачката работа доби 60 илјади денари.

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.